zoran_sterjov

Зоран Штерјов е професор по математика во СОУ „Наум Наумовски – Борче“ од Пробиштип. Има завршена квалификација за наставник-ментор, учесник е во процесот на менторирање на наставници и во евалуација на наставници-ментори, а учествува како и предавач (сертифициран обучувач) на голем број семинари во повеќе сегменти од образованието и тоа:

  • обука на наставници-обучувачи за интерактивна наставна методологија;
  • обука на наставници за фацилитаторски вештини;
  • обука на наставници-ментори;
  • обука на наставници-обучувачи за унапредување на оценувањето во училницата;
  • обука на наставници-обучувачи за наставно планирање.

Тој е еден од основачите на Асоцијација за читање на Република Македонија, член на International Reading Association (IRA), како и член на уредувачкиот одбор на математичкото списание Сигма. Има објавено три книги: Методи за докажување неравенства, Функционални равенки во множеството реални броеви и За Добрата настава и Добриот наставник, како и неколку трудови од областа на математиката.

За традиционалната настава
Традиционалната настава е фокусирана на наставникот и наставните содржини. Трансферот на информациите главно се врши од наставникот кон ученикот, обично наставникот е тој што зборува, пренесува информации од содржината на наставната материја. Голем дел од наставниците се експерти за настава по својот предмет, најчесто предаваат процедури и факти, а нивниот, главно дидактички приод за пренесување на информации, ретко отвора можност учениците да го искажат своето мислење или да бидат вклучени во некоја дискусија за работите што се учат. Мисловните активности се движат во правец на меморирање и повторување на факти и термини, како и поставување на прашања кои се однесуваат на содржината. За време на часот се следат инструкциите од наставникот, ретко се поттикнува критичкото размислување кај сите ученици, понекогаш се решаваат поедноставни апстрактни проблеми кои имаат мала допирна точка со реалноста. Притоа се настојува доследно да се следат наставниот план и програма, а наставните активности главно се одвиваат врз основа на информациите од материјалот од учебниците. Учениците работат самостојно во тивка атмосфера и ретко се поттикнува нивната креативност. При одговор на прашања поставени од наставникот се создава монопол само од неколку ученици, а наставникот ги следи и ги поправа нивните одговори. Процесот на вистинско учење започнува дома, но и тогаш е потребно долго и макотрпно учење, самостојно без некоја поголема помош, а најголемиот мотив за учење е добрата оценка.

За промените во образованието
Природно е да се случуваат промени во секој домен од животот, па така економските, политичките и социјалните промени имплицираат промени и во образованието. Се менуваат идните генерации на ученици, а старите форми на традиционална настава веќе не помагаат доволно. Новото време бара осовременување на содржините што се изучуваат, нови наставни планови и програми, нови форми на настава и начин на работа за ефикасно пренесување на информациите и знаењето, остварување на поставените цели, користење на современата технологија и интернетот. Наставниците треба да бидат свесни дека мора да воведат промени во своите планирања, да ја вклучат новата наставна методологија на своите часови, да ги согледуваат ефектите од неа, да воведат промени во оценувањето како и да одговорат на потребите од информатичката технологија. Промени мора да се случат и кај учениците: тие мора да станат свесни за тоа дека преку образовниот процес треба да се изградат во писмени личности кои ќе поседуваат знаења од науката, од светските јазици, мора да научат вештини за критичкото размислување и решавање на проблеми, за планирање и раководење, за меѓукултурна комуникација, информатички, медијски и технолошки вештини, да изградуваат лични морални вредности, да ја развијат свеста за чување на животната средина, мултикултурна толеранција и разбирање.

За методите за активна настава
Преку методите за активна настава наставникот ефикасно може го поттикне критичкото размислување на учениците и да ги вклучи во различни активности кои опфаќаат организирање на информациите, дискусии, решавање на проблеми, како и демонстрирање на наученото. Методите за активна настава ја зголемуваат мотивацијата за учење, овозможуваат активирање на сите ученици за време на целиот наставен час, вклучување во активности со кои ќе им се изгради интерес за она што треба да се научи, да им се насочи вниманието кон активно читање (и следење), но и да им овозможат вистинско разбирање за информациите.
Анализата на методите за активна настава, согледувањето на нивните ефекти, предности и влијание, како и споредбата со традиционалните методи отвара јасна слика за многу аспекти од наставниот процес: за поставување на целите, наставното планирање, работата на учениците и наставниците, за оценувањето.

За современата настава
За разлика од традиционалната настава, современата настава е ориентирана и кон ученикот и кон наставникот и кон примена на стекнатите знаења. Наставникот преку правилно одбрани задачи или реални проблеми ги вклучува учениците во работа, а тој ефикасно ја насочува работата преку правилни инструкции, наместо да ги пренесува сите информации. Учениците имаат можност да работат самостојно, во парови или помали групи, со што се поттикнува заемна интеракција, соработка, можност за самооценување и оценување на соучениците. Наставникот е тој што им ја нуди потребната помош додека работат, ја следи нивната работа и врши формативно оценување. Учениците ги применуваат претходните и новите знаења во решавање на поставени задачи, вклучувајќи го критичкото мислење и својата креативност, и имаат можност да ги презентираат своите резултати, да ги проверат и корегираат. Учениците имаат можност да учат преку учество во разни проекти, самостојни и акциски истражувања, да учат преку сопствени искуства и да решаваат сложени проблеми од реалниот живот, но и да избираат и предлагаат теми интересни за нив. Но, најважно е што сето тоа им овозможува да бидат вклучени во процес на постигнување на посложени цели кои бараат вклучување на повисоки мисловни процеси, да преземаат одговорост за сопственото учење и да развиват вештини за доживотно учење.

Мој заклучок
Анализирајќи ги моите искуства од воспитно-образовниот процес во нашата земја, мојот личен став и мислење е дека не треба да ги напуштиме во целост традиционалните методи на настава и целосно да ја замениме со методите на активната настава, туку да ги селектираме предностите и на двата вида настава, да ги анализираме, комбинираме и да создаваме пристапи кои ќе овозможат најдобро постигнување на поставените цели во различни контексти на образованието и воспитанието.

Превземено од Пробиштип – Општински Информатор бр. 25


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009