zelnik baba

На градскиот плоштад во Пробиштип на 20 март, а по повод доаѓањето на пролетта,во организација на Општина Пробиштип, се одржа втората манифестација по ред „Зелникот на баба“. Оваа манифестација уште во самиот старт побуди вистински интерес кај пробиштипјани. Оваа година интересот беше уште поголем, а со самото тоа и понудата на овој наш традиционален специјалитет беше многу поголема. Учество земаа организациите на жени на Пробиштип, бавната храна, Веселите пензионери, етно жените, лесновчанки, злетовчанки и голем број на пробиштипјанки кои индивидуално се пријавија. Годинава со своето присуство не удостоија голем број на здруженија кои ни дојдоа од Кисела вода, Куманово, Македонска Каменица, Неготино, Кочани, Крива Паланка, Кратово, Штип, Виница, Свети Николе и Велес. Манифестацијата ја збогатија и ракотворците кои дојдоа од повеќе града од Македонија. Сите тие заедно со пробиштипјанки беа дел од хуманитарната манифестација, на која се продаваа зелниците и сите други специјалитети кои ги донесоа овие наши вредни домаќинки, а уберените средства ќе се дадат во хуманитарни цели.

Градскиот плоштад беше премал за да ги собере сите заинтересирани, кои ги имаше не само од Пробиштип туку и од регионот, но и пошироко. Нешто што е убаво веднаш е препознатливо и лесно е прифатливо, па така и оваа манифестација полека но сигурно стана препознатлив белег на Пробиштип. Целиот настан беше пропратен со богата културно уметничка програма, каде што настапија гајдарите од КУД „Весели пензионери“, неизбежната Марија од Злетово со својата придружба, детскиот оркестар на народни инструменти, КУД „Злетовски рудар“, музичката група Амајлија и фолк ѕвездата Блага Петреска. Зелниците се продадоа, манифестацијата заврши, а убавите впечатоци останаа кај пробиштипјани, но големи импресии однесоа и сите гости кои беа дел од „Зелникот на баба“ и сите со една мисла, догодина уште поубаво и помасовно со што ќе прерасне во една убава семакедонска традиција.


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009