135299_151429844909498_4724447_o

Владо Јовановски – Човекот постојано е во потрага за духовна и физичка храна. Тоа што ја одбрав оваа благородна професија е резултат на мојата потреба за духовно надградување. Секој човек, каде и да се наоѓа, има потреба да ги задоволи сопствените потреби од културни настани и вредности. Човекот освен што е ХОМО САПИЕНС (Човек што мисли) е и ХОМО ЛУДЕНС (Човек што си игра или што има потреба да си игра). Тој аспект од човечкото битие го има кај секого од нас. Со таа разлика што некои не му даваат можност тој аспект да се развие, па од таму го забележуваме како ретки изблици на одредени свечености, каде одредени индивидуи се преправаат. Го има во традицијата. Ете кај нас е познат чинот на преправање за време на празникот Сирова, кога лугето се маскираат во најразлични човечки или во невообичаени животински ликови. Со други зборови тој што сака да си игра, е актер. Ете токму од тие потреби и самиот, по завршувањето на средното училиште, во 1987 година продолжив на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Го завршив во рокот од четири години. Од тогаш до денес времето за мене се мери малку поинаку.

 

  • По дипломирањето се вративте во родниот крај. Но, не останавте долго.

В.Ј. – Иако во тоа време во Пробиштип имав понудено неколку проекти немав поддршка да реализирам театарска претстава. Мислам дека Пробиштип во тоа време, а и сега има голема потреба од театар. Добив можност на кратко да бидам ангажиран во струмичкиот театар. Набргу по ова беше распишан конкурс од театарот во Скопје. Конкурирав и од април 1992 година сум во Скопје.

Иако сум во Скопје, често го посетувам родниот крај. Имам идеја, имам желба, во Пробиштип да направиме фестивал на документарен филм. За оваа моја идеја во почетокот е потребна поддршка од локалната самоуправа. Секако дека Пробиштип по продажбата на рудникот е сиромашна општина по многу нешто. Кога би се зафатиле да организираме Фестивал за документарен филм Пробиштип ќе се најде на светската мапа како домаќин на ваков културен настан. Зошто градот да биде споменуван само во црната хроника, кога во рудникот ќе се случи несреќа со загубен човечки живот.

  • Веројатно ќе се наметне и прашањето, зошто Фестивал на документарен филм?

В.Ј. – Затоа што Пробиштип е град – судбина. Повторно ќе го споменам рудникот кој во историјата постојано е посакуван и е мета на желби и интереси на моќни меѓународни компании. Почнувајќи од античко, римско време, следуваат, турски, француски, англиски, германски компании и интереси.

А токму документарниот филм одлично му одговара на овој град со својата судбина и богата историја. Верувам дека тој фестивал, со понудената програмска содржина, ќе има своја публика. Потребно е само да се истрае во првата година. Да заживее фестивалот. Потоа се ќе зависи од нас колку ќе умееме да ги искористиме придобивките од тој фестивал. Не е доцна. Само е потребно да се има поддршка од политиката, бизнис секторот и секако од граѓаните. Не треба да се заборави и фактот што Пробиштип ја има можеби и најубавата кино сала во Македонија, во која во изминатите 60 години се воспостави традицијата за гледање филм на големо платно. Годинава се навршуваат 60 години од киното во Пробиштип. Ете повторно доаѓаме до она кое го носам како идеја веќе цели 20 години во мене. Ако се имаше сенс од другата страна, да го прифати ова, киното во нашиот град денес ќе беше со најсовремена техника и ќе истраеше од ударот што го предизвика видеото, потоа ДВД и денешната најнова интернет технологија. За жал вака направивме прекин на традицијата која опстојуваше без малку 60 –тина години.

  • Како врвен домашен актер стекнувате и слава надвор од границите на Македонија. Тоа се должи на главните улоги во повеќе играни филмови.

В.Ј. – Бројот на одиграните улоги сами по себе не значат многу. Секако голем е бројот и на улогите кои ми беа предложени, а кои сум ги одбил. Сум одбивал улоги како од идеолошки па до несогласување со мои лични сфаќања. Но би кажал дека сум прифаќал и улоги кога со ликот кој треба да го играм не било се совршено. Но сум бил доволно свесен дека и покрај се филмот на крајот ќе биде значајно филмско дело.

Мене некако ме следи гласот дека ме следат улоги за кои немам конкуренција. Тоа значи дека ми се нуди нешто за кое се знае или јас ќе ја одиграм или ќе ја избришат улогата од сценариото. Она што го чувствувам е дека улогите како да се пишуваат за мене. Навистина сум среќен што сум ги прифатил да ги играм. Тоа е случајот со улогите во Балкан –Кан, Прашина, Илузија …

  • Има ли филмска улога која посебно ви е драга што сте ја прифатиле да ја работите ?

В.Ј. – Интересно но досега во ниту една улога која сум ја играл не сум кажал се. Му благодарам на Господ, но имам чувство дека вистинската улога допрва треба да ја играм. Ако човек како актер се искаже целосно во една или неколку улоги повеќе нема што да  открива. Досега и во театарските престави и во филмовите има дел од она што сум сакал да го кажам. Тоа е случајот и улогата со Лазо во филмот Илузија и со ликот на Трендафил во Балканкан, Даскалот во Прашина, Бигорски во Тајната книга, Пророкот Бербер во Збогум на 20 – тиот век. Драги ми се ликовите и во филмот Преку езерото на Антонио Митриќески, Македонска сага итн. Не можам да издвојам само една. Знам дека по филмот Балкан-кан стекнав голема популарност не само во Македонија туку и пошироко. Што ќе признаам, во оваа прилика, ми е драго. Посебно што играв улога во филм кој има среќен крај, што е малку невообичаено за домашните филмови. Но мислам дека вакви филмови на луѓето им се потребни. Барем во филмот, во таа илузија, да погледнат раскажана приказна со хепи енд (среќен крај). Во денешно време тоа не е мала работа. Денес секој има потреба од пријатни чувства. Животот е убав. Тоа Италијаните го кажаа токму преку филмот, Ла вита е бела ( Животот е убав). Секако има и филмови кое не завршуваат среќно. Во нив сепак се кажува нешто кое е потребно да се искаже. Таков е примерот со Прашина, кој допре до некои митолошки димензии. Драги ми се миговите од снимањето на филмовите. Додека се работи, додека делото се снима. Сите засегнати или поврзани со филмот, било како сценарист, режисер, работат со крајна цел да направат добар филм. Со самото најавување ,, акција снимај ….,, чиниш се запира здивот на присутните, очекувајќи на кој начин актерот ќе го одигра дадениот кадар.

По секој успешен кадар радоста е огромна. Од таквите моменти остануваат и пријателствата меѓу актерите, режисерите и сите учесници во филмот.

  • Колку Пробиштип е пријатно место за живеење?

В.Ј. – Ако се санираат еколошките црни точки, како јаловиштата, кои ако не се решат ќе не презре иднината… Ако од Злетовица потече здрава вода за пиење и наводнување. Ако на сите ни стане јасно дека Лесново нам ни е потребно, а не ние на Лесново во смисла на инвестирање во селски туризам и.т.н. Ако општината не заборави дека треба да биде матица на иселениците, кои финансиски ја крепеа во мигови кога тоа и беше потребно. Ако родното ни место не обедини по сите основи… Ако успееме да продуираме духовна храна која е неопходно потребна како и материјалната. Ако ја напуштиме традицијата за козата и комшијата. Тогаш се што е на светот ќе биде наше, а Пробиштип ќе биде прекрасно место за живеење. Дај Боже!!!                                                                                                                                                               Т. С.


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009