Господинот Тони Тоневски, со изборната победа, остварена уште во првиот изборен круг на мартовските локални избори, и во наредниот четири годишен мандат ќе продолжи да ја извршува функцијата градоначалник на Општина Пробиштип.

DSC_0274

Господине Тоневски, дали бевте однапред убедени во победата, изразена со ваква убедлива разлика во гласовите?

Градоначалник, Тони Тоневски – Да бидам искрен бев убеден во победата. Тоа јавно го кажував и на централниот митинг на градскиот плоштад во Пробиштип, и на останатите средби со граѓаните во општината, дека ја имаме големата поддршка од гласачите кои на 24 март ќе излезат на гласачките места. Искрено денес уште повеќе се радувам на победата, кога гледам каква доверба имаат најголемиот дел на граѓаните од нашата Општина.

Дека граѓаните ви веруваат и имаат доверба во вас се покажа токму на предизборните средби. Ова ретко се случува во едни вакви турбулентни времиња, кога кај луѓето има дилема што да веруваат и кому да го дадат својот глас. На митинзите со граѓаните бројката беше вообичаена, редовно над 100-тина граѓани?

Градоначалник, Тони Тоневски – Навистина чувството беше несекојдневно од ваквите средби со луѓето кои на состаноците и митинзите во нивните средини доаѓаа во голема бројност. Се покажа дека ова не биле обични куртоазни средби. Тоа беше сигнал дека луѓето веруваат во мене во делата што ги остваривме во изминатите четири години. Резултатите, на денот на изборите, тоа најдобро го покажаа, Во општина Пробиштип остваривме убедлива победа. Победа со најдобро изразени резултати и на ниво на целата Република. Од 13.087 запишани граѓани на изборите излегоа над 75 посто. Од нив 75 посто својот глас го дадоа токму за ВМРО ДПМНЕ, односно за Коалицијата ,,За подобра Македонија,,.

mitinzi

Господине Тоневски, според ваше мислење, на што се должи вака големата доверба кај граѓаните кои несебично ви дадоа поддршка за втор градоначалнички мандат?

Градоначалник, Тони Тоневски – На овие локални избори се покажа дека граѓаните не може да се манипулираат со празни фрази и обични ветувања. Граѓаните сакаат дела. Веруваат на резултатите во работењето. Се покажа дека мојот прв мандат бил успешен. Оставив дела кои граѓаните знаеа да ги почитуваат и затоа ми дадоа несебична поддршка за втор градоначалнички мандат. Затоа и во оваа прилика, по завршувањето на локалните избори и на почетокот од вториот мандат чувствувам потреба да се заблагодарам на сите граѓани кои излегоа на гласачките места и ја дадоа довербата на Коалицијата ,,За подобра Македонија,, со што ја дадоа и поддршката за мојот втор градоначалнички мандат. Ова за мене ќе значи еден голем поттик како градоначалник, да продолжам со уште поголемо темпо на работа, да продолжам успешно да ја менаџирам општината со што ќе дојдеме и до крајниот резултат, а тоа е подобрување на условите за живот на сите граѓани кои живеат на подрачјето на Општина Пробиштип.

Како гледате на фактот што и во Општинскиот Совет ќе имате апсолутно мнозинство на советници од Коалицијата ,,За подобра Македонија,,?

Градоначалник, Тони Тоневски – Се покажа дека победата е убедлива и за состав на новиот општински Совет. И добро е што е така, затоа што за да се реализира со успех програмата потребна е и поддршка од Советот. Ваков сооднос од 10 спрема 5 ветува успешна соработка. За мене како градоначалник е битно да имам добра соработка со сите советници, без разлика кој од која политичка проминенција доаѓа. За мене ќе биде од голема важност советниците да работат во интерес на граѓаните, што е и моја цел. Се надевам тоа ќе биде и нивна цел. Важно е тие да ги подржуваат сите проекти, кои се од важност за граѓаните, кои ќе и донесат просперитет на оваа наша општина, кои ќе придонесат за економскиот развој на општината и подобар живот за граѓаните. Секако, очекувам некои одлуки да бидат и едногласно подржани затоа што јас како градоначалник нема да дозволам да се носат решенија и одлуки кои нема да бидат во интерес на граѓаните. Моја цел е од Пробиштип да направиме високо развиена економска општина. Пробиштип во едни не така дамнешни времиња беше развиена општина. Јас ќе се заложувам повторно да го вратиме тој епитет, бидејќи пробиштипјани тоа и го заслужуваат.

tonitonevski3

За време на изборните активности настапивте, како и што сами рековте, со една навистина амбициозна програма со над 160 проекти. Господине Тоневски, кои ќе бидат приоритет во првите месеци од вашиот мандат?

Градоначалник, Тони Тоневски – Во делот на инфраструктурата предвидов неколку значајни проекти, кои ќе треба да бидат реализирани мошне брзо. Со почнувањето на новата градежна сезона започнуваме со нивна реализација. Деновиве заврши тендерската постапка за изградба на комплетна инфраструктура во индустриската зона, во урбан блок 12/1, тоа е на старата јаловишна депонија. Таму се продадени речиси сите огласени градежни парцели. Веќе е избран изведувачот, кој ќе треба да го заврши асфалтирањето на улиците во оваа зона, со што ќе им се овозможи на сопствениците на овие локации да добијат соодветни приклучоци од комуналната инфраструктура, канализација, водовод, електрична енергија и да им се овозможи во што пократок временски период да ги изградат своите планирани стопански објекти. Кога веќе зборувам за индустриски зони, да кажам дека сме во план на оформување на нови две индустриски зони. Едната е над улицата Миро Барага, над старата бензинска пумпа на Макпетрол, а втората е во близина на новата бензинска пумпа на Макпетрол, во правец на населбата Камењар. Очекувам голем интерес и за овие локации. Целта ни е да привлечеме инвеститори од страна, кои ќе дадат голем придонес во отворањето на нови работни места. Во делот на патната инфраструктура приоритет ни е целосна реконструкција на главната улица во Пробиштип, тоа е улицата Јаким Стојковски, од киното Рудар до старото школо во Калниште. Ќе се работи на поставување на нов асфалтен слој, со нови тротоари, нови улични енергетски светилки и комплетно хортикултурно уредување на оваа главна сообраќајница во Пробиштип. Граѓаните веќе имаат можност да видат дека деновиве започна изградбата на новиот Музеј на ретки минерали. Проект кој имаше посебно место во мојата предизборна програма, бидејќи Пробиштип како рударски град има реална потреба од ваков претставителен објект кој ќе биде од посебно значење и за развој на туризмот како исто така е значајна стопанска гранка, на која во наредниот период ќе треба да посветуваме повеќе внимание.

Господине Тоневски, во предизборната канцеларија за средби со граѓаните, вашиот изборен тим постави една интересна изложба на експонати наловена како ,,Пробиштип некогаш и во иднина,,. Мора да се признае дека изложбата го привлече вниманието на граѓаните, посебно делот со изградба на нов мини плоштад во централното градско подрачје. Иако изгледа по малку и футуристички. Како ја коментирате оваа постановка?

Градоначалник, Тони Тоневски – Во нашата програма предвидовме два вакви проекта. Со едниот е предвидена реконструкција на сегашниот градски плоштад, со изградба на нова фонтана и ново хортикултурно уредување и поставување на нова урбана опрема, но и изградба на нов мини плоштад кој ќе се простира помеѓу Средното училиште ,,Наум Наумовски Борче,, спортските сали и старата зграда на Општина Пробиштип. Овој простор, иако се наоѓа во самиот центар на градот, досега беше неоправдано запуштен. Со веќе изготвената проектна документација еден дел од овој простор наскоро ќе биде искористен за нов градски паркинг а поголем дел од просторот во правец на средното училиште ќе се искористи за изградба на мини плоштад со сите пропратни содржини, од кој посебно ќе се издвојува амфитеатралниот дел, кој ќе биде наменет за организирање на разновидни културно – забавни манифестации. Она на што ќе треба да се работи е сегашните сопственици на постојните изградени објекти, помеѓу сегашниот градски плоштад и просторот на кој ќе се простира новиот мини плоштад, да поработат на поставување на нови фасади на објектите со кое ќе придонесат целиот овој простор да биде најпретставителен дел во централното градско подрачје.

 sekundaren_plostad

Од денешна дистанца на гледање на работите, како гледате на предизборните средби со граѓаните. Што најчесто тие бараат на средбата со вас?

Градоначалник, Тони Тоневски – Предизборните митинзи кои што ги одржавме во речиси сите населени места, во селата и градските урбани населби, граѓанитте најмногу се интересираа за решавање на одредени локални комунални инфраструктурни проблеми, што на некој начин е и суштината на локалните избори. Од страна на мојот изборен тим програмата беше добро осмислена и организирана. За мене предизборието беше само завршна фаза за која немавме сомнеж дека ќе биде теренски успешно спроведена. Ние уште пред изборната кампања сите реализирани активности, кои тековно беа завршени за време на изминатиот четиригодишен мандат ги предочивме на граѓаните.
Јас и како градоначалник постојано имав средби со граѓаните и претседателите на месните заедници. Граѓаните низ разни форми, трибини, состаноци и директни непосредни контакти беа информирани и беа во тек со остварувањето на програмските проекти.
Во предизборниот период на граѓаните им понудив нова амбициозна програма во која беа преставени над 164 нови проекти. Во програмата се опфатени сите најважни барања, кои беа покренувани на средбите од страна на граѓаните а од наша страна беа преточени во конкретни проекти. Морам да кажам дека граѓаните знаеја да ги препознаат овие проекти бидејќи тоа беа нивни идеи и предлози. Затоа и ја дадоа довербата, затоа што и во време на мојот прв мандат нивните барања беа над 90 посто остварени, или се на прагот да бидат исполнети. Јас по ваквиот голем успех и огромната доверба искажана од граѓаните сум уште повеќе убеден дека и овие проекти наброени и ветени во новата предизборна програма, која сега ќе биде преточена во работна програма, ќе бидат успешно остварени.

Господене Тоневски изборите завршија, ОИК ви го додели и решението за новиот четири годишен мандат. Ќе менувате ли нешто во начинот на работа во локалната самоуправа?

Градоначалник, Тони Тоневски – Во изминатиот мандат формирав тим со кој имав успешна соработка. Секако дека ниту еден тим не е идеален, но луѓето со кои работев ми даваа голема поддршка и несебично се заложуваа да ги реализираме договорените работни обврски. Во новиот мандат сите тие кои ќе покажат интерес да останат до крај посветени на работата и остварување на целта ќе продолжат да ја извршуваат работата. Но, и секаде каде ќе оценам дека имало пропусти и недоследности, кои се предизвикани од разни причини, било од премореност или од други причини, нормално е дека ќе има промена. Што се однесува до раководниот кадар во институциите, кои се во надлежност на општината, и тие како именувани функционери имаат доставено свои програми. Нормално е дека, како што јас посветено ќе работам на спроведување на сопствената програма, и тие ќе треба да се докажат во реализацијата на нивните програми. Со оглед на фактот дека се работи за стручни лица и големи професионалци се надевам дека ќе продолжиме со успех да соработуваме и во наредниот период. Доколку од нивна страна биде покажано неснаодливост нормално е дека ќе има и промена, со назначување на нови раководни лица.

konstitutivna

Ви погодува ли тоа што и на државно ниво власта ја има коалицијата ,,За подобра Македонија,,?

Градоначалник, Тони Тоневски – Добро е за општината Пробиштип што имаме силна поддршка од централната власт иако морам да кажам Владата има разбирање за процесот за децентрализација со префрлање на поголем дел од одговорноста на локалната самоуправа. Мислам дека тоа е добро, а пример за тоа се и општините во високо развиените европски земји каде одредени проблеми подобро и поедноставно се решаваат кога се спуштаат на локално ниво. Од друга страна, ако градоначалникот нема добра релација со централната власт потешко ќе оди решавањето на одредени потешки и покрупни проблеми. Затоа во новиот мандат очекувам уште поголема соработка со Владата и ресорните владини министерства. Ова дотолку повеќе е од голема важност, бидејќи соработката беше важна и во изминатите години. Тоа се покажа и во партиципирањето на досегашната власт во некои од општините каде одредени градоначалници не успеаја да се снајдат во ваквата соработка, поради што трпеа и нивните понудени програми. Проектите не им беа реализирани и дел од поранешните градоначалници не ја добија довербата и не добија можност да бидат на листата на кандидати за градоначалници, па на нивно место се поставија луѓе кои ќе имаат можност да ја подобрат сликата н состојбата во овие општини.

Трајче Строимановски


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009