stoica

Секаде во светот рударите се браќа. Поточно, камаради. Ист е и мракот во секоја јама, а иста е и рударската работа. Но, откако ќе им заврши смената во земјината утроба, Стоица Јовановски и 37 негови сограѓани веќе осум години не излегуваат на виделината на сонцето над родниот Пробиштип, туку ги дочекува светлината на денот над Горњи Милановац. Тие се дел од околу 300 македонски рудари кои денес работат во рудниците низ Србија.

– Од 2005 година работам во Србија. Видовме оглас во кој се бараа рудари, па со неколку колеги отидовме да прашаме какви се условите. Јас веќе размислував да отидам во Србија, но првата идеја ми беше да работам во рудникот во Врање зашто е близу. Отидовме, прашавме, условите ни одговараа и почнавме да работиме – раскажува Стоица Јовановски кој навлегол во шестата деценија од животот. Ветеран е во рударството со 34 години стаж во ископи. Вели дека „прошетал“ и во рудници во Босна, Kосово, Шведска, Норвешка, Германија и во Франција.

Поради затворање на неколку рудници во Македонија и големиот број невработени рудари, почнува вистински рударски печалбарски бран во Србија. Таму, велат, биле добредојдени.

– Злетовскиот рудар е доајен во Европа затоа што може да ги врши сите операции. Така се работеше во нашите рудници – гордо вели Јовановски.

Според него, во моментов во рудниците во Србија работат околу 300 македонски рудари. Ги има во рудниците во Врање, Kрива Феја, но и во регионот, во јамите во босанските и во косовските рудници.

Безбедноста на прво место

Јовановски веќе осум години е дел од група од 38 македонски рудари кои работат во рудник за олово и цинк кај Горњи Милановац. Само во тој рудник досега работеле околу 330 рудари од Македонија, а најголемите групи биле по 70-80 рудари. Со Стоица разговараме во Пробиштип, неговиот роден град, каде што групата е дојдена на редовниот еднонеделен одмор по три недели минати во рудникот.

– Тоа е школски пример за рудник и затоа често го посетуваат делегации. Механизацијата е на европско, на светско ниво. Извонредно добар рудник. На с` се гледа, на сите услови за живот и за работа. Безбедноста е на прво место, се прават редовни лекарски прегледи, а опремата, тоа е закон – без комплетна опрема нема влегување во јама – вели рударот.

Тој вели дека поради современата опрема и технологија, и работата е многу полесна. Јовановски смета дека на целиот Балкан, само еден рудник во Бугарија е на слично ниво.

– Таму сме пречекани како што треба. Живееме во хотел, сопственост на рудникот, во одлични услови. Тоа е хотел во кој Тито ги носел делегациите на лов. Газдата е одличен, искрен човек, се грижи за нас и секогаш ни излегува во пресрет – раскажува Стоица.

Македонските рудари на работа минуваат три недели во месецот, или од 20 до 23 дена. Остатокот, една недела или десетина дена, во зависност од должината на месецот, ги минуваат дома. Покрај тоа, имаат 30 работни дена одмор, а за секој празник добиваат слободен ден. Kога се дома, вели Стоица, ги привршуваат редовните домашни обврски и, што е најважно, тука ги трошат парите. А „горе“, вели, нема плата под 500 евра. Покрај тоа, се цени и искуството – ветеранот вели дека досега обучил 200-300 рудари.

Во јамата сите се браќа

– Заедно работиме, и Македонци и Срби, таму сме браќа. Соживеавме и со народот. На почетокот беше ново, и за нив, и за нас, ама се спријателивме, се вклопивме во средината, а тие не прифатија. Луѓето се исти, народот сака да живее – раскажува Јовановски.

Македонците толку добро се вклопиле во секојдневјето на Горњи Милановац што, според рударите, поради нив градот наскоро ќе се збратими со нивниот роден Пробиштип. Тоа, велат, ќе биде прво збратимување на Пробиштип од независноста на Македонија.

– За 8 години направивме историја. Добра историја. Во Србија уживаме голема популарност, а низ годиниве н` посетиле сите српски телевизии. Резултатите го прават своето – со задоволство нагласува Јовановски.

Пробиштипските рудари со своите српски камаради заедно го прославуваат 6 август, Денот на свети Прокопиј, заштитник на рударите. Тогаш се одржува општонародна веселба, на ражен се вртат прасиња, трештат трубачи. Но, рударите во Горњи Милановац организираат и македонски вечери, на кои гостуваат игроорци и музичари од Македонија. На вечерите присуствувале македонскиот амбасадор и конзулот, македонските здруженија од Србија, а рударите си пронашле и роднини што таму живеат.

– Носталгија чувствувавме првите 2-3 години. Сега животот ни тече редовно. Три недели работа, па дома. Kилометражата денес не е никаков проблем. Важно е дека има добра плата, добар живот и добра средина – задоволно оценува рударот.

Игор К. ИЛИЕВСКИ

(Дневник  04.04.2013)


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009