Осогово ги исполнува сите критериуми за заштитено подрачје и од природен и од социо-економски аспект. Сепак, од желбата на месното население, ќе зависи дали Осогово ќе ги ужива сите предности и поволности на едно заштитено подрачје!

Во Пробиштип викендов се одржа трибина на која беше презентирана ,,Студијата за валоризација со предлог за формирање заштитен предел – Осоговски Планини,,
На трибината беа презентирани резултатите од Студијата и беа разгледани потенцијалите и можностите за развој на регионот во рамките на предлог заштитеното подрачје.

sonja

Госпоѓо Лепиткова, студијата за Осогово на која се работеше во изминатите неколку години ги дава и конкретните цели ?

С.Л. – На Студијата се работеше долги години. Ниту еден документ не е до крај совршен, меѓутоа преставува добра основа и база на кој во наредниот период можеме да ги развиваме планските и стратешките документи за одредување на формата за прогласување и управување со ова подрачје. Во студијата се согледани очекувањата, предностите, но и она што евентуално би можело да се загуби во целиот овој процес. Мене, како државен секретар и како претседател на централната комисија, ми беше битно да ја слушнам и другата страна, која досега поради субјективни и објективни причини во минатиот период не учествуваа во работата на ваквите трибини кои се одржаа во неколку наврати. За прв пат на трибината, што се одржа на 16 февруари во Пробиштип, присуствуваа сите градоначалници од општините од Осоговскиот регион, но и експерти и преставници од бизнис заедницата кои се исто така важен фактор во оформувањето на еден ваков стратешки значаен проект. Мене посебно ме радува што во расправата се вклучи и локалното население кое го кажа своето мислење како тие го гледаат развојот на регионот во иднина.
Нашата заложба е на ваквите трибини да ги сослушаме дискусиите од сите учесници, без да влијааеме со било какви сугестии, за да во наредниот период направиме дополнителни анализи пред да се донесе
конечната одлука.

Осогово заштитено подрачје од петта категорија. Што ќе значи ова за регионот, оптините и населението?

С.Л. – Ќе значи многу. Како прво Осогово ќе влезе во светската евиденција. За Осоговието ќе се зборува многу повеќе. Како вулканско подрачје ќе биде многу по препознатливо. Во студијата се претставени резултатите од досегашните истражувачки активности кои покажаа мошне разновидна форма од животинска и растителна разнообразност од организми за кои досега не сме ни знаеле дека постојат на овие простори, а дел од нив се ендемски и на светски рамки. Ги има сако тука и никаде на друго место. Во иднина треба да размислуваме дека ваквата симбиоза на заедничко живеење и опстојување ни овозможува и нам, на лугето, квалитетен живот. Можно е во иднина да се работи на организирање на еден посебен вид туризам со кој дел од нашето население ќе може да се врати на своите родни огништа за да може и да го промовира овој вид туризам. .

Заштитено попдрачје од 5-та категорија не е некоја висока форма на заштитеност. Ова нема да значи некоја форма на строга заштита на ова подрачје, туку само ќе се внимава на билошката и пределската разновидност. Ќе има само две посебни зони. Едната е локалитетот Раткова скала и едно подрачје на високо стеблести шуми а другата зона ќе биде зона на активно управување, каде населението и останатите чинители ќе може да управуваат да стопанисуваат, да истражуваат, да развиваат нови форми на туризам на земјоделсккии активности. Станува збор за форма која во Македонија се уште не е доволно позната.

Споменавте дека се согледани сите аспекти и евентуалните штетни последици, но и очекувањата од прогласувањето на овој регион во заштитено подрачје. Какви се согледувањата од досегашните
активности ?

С.Л. – Во овој контекст има малку нејаснотии, но сепак се суштински. Станува збор за сеуште недефинираниот модел околу идното стопанисување и доделувањето на управувачкиот пакет. Институцијата, која ќе го добие тој управувачки пакет, ќе треба да има капацитет за да може да се справува со едно вака обемно подрачје од 74 илјади хектари, кое ќе треба да се контролира и да се управува. Искуствата од изминатите 50 години, при управувањето со досега прогласените подрачја се позитивни. На трибината во Пробиштип се покренаа неколку битни прашања, како што се слабата населеност на регионот Осогово, едуцираноста на месното население да може да работи на вакви проекти, формата на заштитата и како што беше кажано и во дискусијата на преставникот од ЈП Македонски шуми да се внимава со менаџирањето и стопанисувањето со шумскиот фонд од ова подрачје кое ќе биде опфатено со проектот. Како што беше кажано, засега Македонски шуми во своите подружници од овој регион работат со загуба, при што се принудени да се покриват со позитивното работење во останатите подрачни единици во другите региони во државата. Ова беше мошне важен податок кој е потребно да се има во предвид за да се донесе корисно решение. Кога ќе бидеме во фаза на финализација, пред да биде доставен завршниот документ до Владата на РМ, ќе имаме уште една трибина тука со граѓаните на Пробиштип на која ќе ги изнесеме и конечните согледувања и заклучоци во делот на управувањето со ова подрачје.

Преставници од бизнис секторот, кој стопанисува со издадени концесии за стопанисување со минералните сировини на овој регион, е исто така со свои забелешки!?

С.Л. Забелешки имаше, но не баш од сите. Јас сум на мислење дека она што од нивна страна беше кажано, и од господинот Прохоров како преставник од рудникот Саса од Македонска Каменица, е мошне важен аспект. Тој кажа дека миниралните ресурси се нешто што има своја ограничена експлотација. Од друга страна пак и порано постоеше едно мислење дека рудникот Злетово нема никогаш да може повторно да се активира. Ако се земе во предвид и фактот дека рударењето на овие простори е почнато пред 2000 години и ете се уште е актуелно и се уште се работи на истиот овој терен. Во ова денешно време, на високо развиена технологија, се бара начин на допреработка и на веќе преработената руда, односно јаловината, која што е складирана како депонија во околината на секој рудник и флотација во овој регион, а ги има и во Пробиштип, Крива паланка и во Македонска Каменица. Сега е момент да покажеме малку поголемо визионерство на овој план. Новите форми на истражувања можеби ќе покажат присуство и на нови минерали и елементи кои ќе бидат предмет на заинтересираност. Се разбира од друга страна пак сето ова треба добро да се осмисли и да се одлучи дали целокупното население на овој простор треба да биде жртва на рударството и зошто во иднина да не створиме услови за поголемо производство на храна, која се очекува дека во наредниот период ќе биде исклучително важен чинител, затоа што Осоговието и покрај се е чисто подрачје кое може да овозможи создавање на посебен бренд во делот на производството за чиста и здрва храна. Но, сето тоа ќе може да се искомбинира доколку навреме ги воочиме сите корисни ресурси и предности што ги нуди овој регион.

Госпоѓо Лепиткова очекувате ли иницијативата да добие целосна подршка од сите чинители ?

С.Л. засега само ќе кажам дека нема да донесуваме избрзани заклучици. Постапката ќе ја водиме крајно транспарентно. Мислам дека ќе ја добиеме подршката и Владата ќе ја донесе потребната одлука.

Кога се очекува да се донесе ваквата одлука?

С.Л. Доколку се одвива работата со сегашната динамика би можело да се очекува до крајот на оваа 2013 година да ги имаме содржините од поголемиот дел од потребните анализи по кој ќе следува и доставување на предлогот до Владата, која како што веќе реков ќе го има и конечниот збор околу ваквата иницијатива, дел од Осоговието да биде прогласено за заштитено подрачје.

Трајче Строимановски

Студијата за валоризација на Осоговските Планини е резултат на заедничка работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) со локалните и државните чинители, во рамки на проектот “Осоговските Планини во Балканскиот зелен појас”, кој се спроведува од 2007 година.


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009