Фали си го селото, но живеј во град, вели старата народна поговорка. Овие денови оваа поговорка ја слушнавме и во подосоговското село Бунеш. Но, според кажувањата на мештаните, малку треба па во поговорката конечно да почне да фали и животот на село. Кон крајот на февруари, на покана од неговите мештани го посетивме и се уверивме во новата верзија на претходно искажаната народна поговорка.

Селото Бунеш е оддалечено е 7-8 километри од Пробиштип. И покрај убавото сончево време, по селскиот пат се шетаа само селските кучиња. Затоа пак на сред село, пред селскста чешма, наидовме на расположени соговорници.

Иако веќе во години со носталгија се сеќаваат на поубавите денови кога во секоја од 70-те селски куќи имало и стари и млади.

– Пред 40–на години Бунеш имаше околу 350 жители. Имавме задруга и селско училиште. Е, во селото тогаш имаше живеачка. Така беше додека работеше задругата. Откако ја расформираа почна и селото да се запустува. Отиде секој да трага по подобар живот. Се отселија во Штип, Скопје, а дел се вработија во Пробиштип и се отселија во градот. Голем дел од нашите соселани добро се снајдоа и во нивните нови средини. Некои завршија високи школи. Станаа успешни лекари, инжинери, газди, гордо изјавија неколкумината соговорници.Но, без народ ниту село не бива. Откако голем дел од селаните се отселија престана да работи и училиштето, се надоврзаа на разговорот 79 годишната Солунка Гичевска и нејзините соселанки, Илинка Василчева и Трајка Милосова.

Bunes-2

– Селото и денес е со 70– на куќи, но во него останаа едвај 20-на постојани жители. Повеќето се во одминати години. Има и неколку помлади. Млади! Не се баш во тие години за млади, но не се ниту како нас во одминати години. Наполнија над триесетина години, но се уште се ергени. Кога ќе стварат семејства? Времето им отиде, изјавија нашите соговорници.

Миграцијата го направи селото Бунеш вакво како што е. На постарите им паѓа мака. Гледаат како запустените селски куќи полека се распаѓаат. Но, на новото време како да гледаат надеж и за селото.

– Во градот голем број луге останаа без работа. Како и да е во село се уште може човек по нешто да сработи, да продаде и да дојде до некоја пара. Селото има голем синор и има добри услови за сточарење со крупна и ситна стока. Во Бунеш веќе има неколку стада овци со околу 700 до 800 овци, велат неговите соселани.

Bunes-1

-Селото го напуштив одамна. Работев 20-на години во фабриката. Но, останав без работа. Се уште живеам во градот. Поради секојдневните обврски околу стадото овци секој ден наутро доаѓам а навечер повторно се враќам во град. Доаѓам и си заминувам пеш. Со такси се возам до соседното село Ратавица. Поради раскопаниот пат таксистите не сакаат ниту да слушнат да возат до нашето село. Тешко е. Но што ми преостанува друго? Во градот работа нема. Па сега сум сточар. Имам стадо од 100-тина овци. Со приходот од нив некако се врзува крај со крај. Еве за дваесетина дена треба да почне откупот на јагнињата. Прекупците веќе почнаа да не посетуваат. Веќе се слуша дека нудат по 150 денари за килограм жива мера, па ќе видиме. Добро е што владата почна да води ред и за сточарството. Почнаа да даваат субвенции и на нас сточарите, па се надевам дека ќе дојдат подобри времиња, вели педесет годишниот Трајче Мицевски.Тој не е единствениот кој се вратил во Бунеш и почнал да чува стока.

– Пред три–четири години во селото воведоа телефон. Сега барем имаме каков таков контакт со луѓето и надвор од Бунеш. Но, доколку се асфалтира патот и се подобри снабдувањето со вода, селото ќе има иднина. Јас живеам во село. И не мислам да ,,бегам,, во градот. Тука има барем работа. Сега имам стадо од 150-на овци. Последниве години има и откуп на млекото. Ни го земат по 30 денари за литар. Плаќањето е редовно и засега е добро, вели 22-годишниот Стојанче Мицевски.

Т.С.