Рождество на Пресвета Богородица (познат и како Мала Богородица) е еден од најголемите празници на Православната Црква, празнуван на 21 септември (8 септември ст.ст.)

Пресвета Дева Марија се роди од своите стари родители, Јоаким и Ана. Татко Ѝ беше од племето Давидово, а мајка Ѝ од родот Аронов. И така Таа по татко беше од царски, а по мајка од архиерејски род и со тоа го предобразуваше Оној Којшто од Неа ќе се роди, како Цар и Првосвештеник. Нејзините родители беа веќе остарени, а немаа деца. И затоа беа посрамени пред луѓето и скрушени пред Бога. И во својата скрушеност Му се молеа на Бога со плач, да ги израдува во нивната старост и да им подари едно чедо, како што некогаш ги израдува старецот Авраам и старицата Сара подарувајќи им го синот Исак. И семноќниот Бог Којшто гледа сѐ ги израдува со радост што ги надминуваше сите нивни очекувања и најубави соништа. Бидејќи им подари не само ќерка туку и Божја Мајка; ги озари не само со привремена радост туку и со вечна. Бог им даде само една ќерка, којашто подоцна им роди само еден внук – но каква ќерка и каков внук! Благодатната Марија, прославена меѓу жените, храм на Светиот Дух, олтар на Живиот Бог, трпеза на небесниот леб, кивот на светоста Божја, дрво со најсладок плод, слава на родот човечки, пофалба на женскиот род, источник на девственоста и чистотата – тоа беше од Бога даруваната ќерка на Јоаким и Ана. Родена во Назарет, а после три години одведена во храмот ерусалимски, од каде што се врати подоцна пак во Назарет, за наскоро да ја чуе благовеста на Светиот архангел Гавриил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од Нејзиното пречисто и девствено тело.

Празнување

Празникот Рождество Богородично го прославува раѓањето на Марија, неа Самата како Божја Мајка, но и Нејзините благочестиви родители. Тоа е првиот голем празник во новата литургиска година, означувајќи го почетокот на циклусот на човековото спасение.

Стихирите на празникот се полни со различни имиња за Марија, како Сад на Светлината, Книга на Животот и Словото, Источна Врата, Престол на Премудроста и слично. Тие се засновани од изворната инспирација на Стариот и Новиот завет. На трите библиски извадоци (паримии), што се читаат на Вечерната богослужба, застапени се пророштва за Неа: Скалата од сонот на партијархот Јаков, која што го соединувала небото и земјата и местото наречено Божји дом и врата небесна (Мој. 28, 10-17), го означува единството меѓу Бога и луѓето што е остварено најпотполно и најсовршено – и духовно и физички – во Марија Богородица, Божјата Родителка. Така и визијата на храмот со вратите кон Исток кои биле постојано затворени и полни со славата Господова ја символизираат Марија – во празничните химни наречена дом Господов полн со славата Господова (Ез. 43. 27-44, 4). Според Изреките Соломонови (9, 1-11) Марија се поистоветува со Дом којшто Премудроста за себе го изградила.


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009