IMG_0070

Во потрага по соговорник за занаетчиството во Пробиштип патот не одведе до улицата Гоце Делчев, во шивачкиот дуќан на мајстор Ристо Саздов. Со иглата и конецот останал заедно 26 години. Еве дел од разговорот што го направивме со овој интересен соговорник.

– Во Пробиштип дојдов во 1973 година, со намера да го изучам шивачкиот занает. Почнав како чирак, кај тогашниот мајстор Ѓорѓи од Стрмош. Кај него, во тамошниот дуќан, работев три години. Потоа учев уште 4 години како чирак кај друг мајстор. Кај мајсторот Данчо Мицевски, кој тогаш имаше дуќан на улицата Јаким Стојковски, станав калфа, каде останав 4 години, ја започна својата животна историја 54 годишниот шивач, Ристо Саздов, познат уште и како мајстор Риле.

– За мајстор полагав во училиштето Димитар Влахов во Скопје. Во 1984 го положив мајсторскиот испит и се стекнав со правото да отворам сопствен дуќан и да работам како шивач. Од тогаш работам во истиот овој дуќан веќе 26 години. Кога почнав да го изучувам занаетот, а и потоа кога станав мајстор, имаше доста работа. Земав едно дете од Трооло да обучувам за чирак. Но, по две години тоа напушти и замина за Битола. Иако и ден денес имам потреба да научам некој заинтересиран, никој не се јавува да почне како чирак. Дека интересот за занаетчиството е слаб доволно говори и податокот што мајстор Риле, денес е единствениот шивач во градот.
Шивачкиот занает, вели, не е тежок. Интересен е и го работи со задоволство.

– Мојот работен ден трае и повеќе од 11 часа. Доаѓам околу 7 и 30 и работам до 15 часот. По час два пауза повторно се враќам и дуќанот го напуштам околу 21 часот.
Муштерии сé уште има, иако се забележува дека од година во година работата се намалува, вели мајстор Риле. Модата е интересна појава, а таа најчесто се менува токму во оваа занаетчиска дејност. Го прашавме пробиштипскиот градски шивач како тој се снаоѓа со модните трендови и барањата на пробиштипјани.

– Следењето на модните новитети се нормална работа. Морам да бидам во тек бидејќи токму муштериите се тие кои бараат да им сошијам дел од гардеробата која се носи во сезоните. Пробиштип веќе е град. Граѓаните патувајќи по големите градови во државата и Европа гледат што е ново и затоа барат од мене да работам според нивните желби и потреби. Добивам редовно и каталози, со најновите модни новитети. Од нив муштериите си избираат модел.

Мајстор Ристо Саздов – Риле вели дека интересот за занаетчиството во градот од година во година е се послаб. За ова доволно говори и податокот што мајстор Риле, денес е единствениот шивач во градот. Причината за намалувањето на муштериите мајстор Риле ги гледа во готовите текстилни производи, кои во трговската мрежа се нудат по багателна цена.

-Од пазарот ќе си купат некое веќе сошиено парче ткаенина. Од таму доаѓаат кај мене и бараат да го скратам . Кога ќе им побарам 100 денари за услугата велат, јас толку го купив а сега трреба да дадам уште толку пари за мала поправка. Големата понуда на евтини текстилни производи не става во тешка положба, вели Саздов и додава дека пробиштиопјани од време на време носат и по некое штофче да им сошие палто или пантолони.

– Поретко се одлучуваат да шијат нови костуми или одела. Не е до цената. Шиењето на еден машки костум е 1400 денари. Женски костум 1200. Шиењето на пантолони е 300 денари. Месечно ќе сошијам 3 – 4 одела. Со иглата и конецот сам човек не може да се збогати, но ете за одржување на потребите во фамилијата нешто сепак се заработува.

Интересно е, но колку што градот се повеќе расте и се развива, занаетчиството се намали до тој степен што денес конкуренција и воопшто немам. Пред неколку години дуќаните ги затвотрија двајца мои колеги. Дел од некогашните шивачки мајстори ги напуштија дуќаните и отворија конфекциски погони. Не знам како им оди. Дали се задоволни и колку може да се заработува на овој начин кои тие го одбраа. Ова за градот на некој начин е и добро бидејќии во ваквите погони вработувања најдоа голем број работници, претежно женски лица. Дека има потреба од нив зборува и фактот што конфекциите постојано бараат заинтересирани лица да ги вработат, но одзивот е мал. Тоа зборува дека во Пробиштип во оваа дејност се вработени најголем број луѓе. Некои од сопствениците на погоните некако се снаоѓат, дел од нив пропаднаа. Јас дуќанот не го затворив, продолжив сам. Инаку работам како регистриран занаетчија, вели овој градски шивач, кој обврските кон општината и државата си ги подмирува редовно. Мајстор Саздов е загрижен. Вели, за десетина години ќе нема занаетчии. Занаетчиството е услужна дејност од која граѓаните ќе имаат потреба. Но, ете погледнете во кој дуќан мајсторот работи со чирак за да го оспособи и да ја продолжи дејноста. Ова го велам како за шивачкиот така и за останатите занаетчиски дејности. Останавме по еден шивач, саатчија, чевлар, тишлер. А, на градот му недостасува занаетчии и од други дејности. Некои ги затворија дуќаните и работат дома на црно без фирма, но тоа не е начин да се одржува занаетчиската дејност. Доколку не се преземат некои активности во Пробиштип занаетчиството ќе нема иднина, вели Ристо Саздов – Риле, последниот градски шивач во Пробиштип.

Т.С.


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009