Туристичкиот комплекс Пониква на Осоговските Планини територијално го делат две општини, Kочани и Пробиштип, но поради ненаправениот пат од пробиштипска страна, за овој атрактивен планински локалитет на 1.600 метри надморска височина досега главно се грижеа и го стопанисуваа кочанци. Долготрајната надеж на пробиштипјани дека и тие ќе добијат директна врска со планинската убавица, наместо до неа да кружат по 60 километри преку магистралата Штип – Kочани, се чини дека наскоро ќе им се оствари. Патот Пробиштип – Пониква, односно неговата преостаната делница од Турско Рудари до Пониква, се наоѓа на листата од шест регионални патишта што треба да се градат во Македонија годинава, а се очекува да биде завршен до 2017 година.

– Од Пробиштип до Пониква ќе имаме само нешто повеќе од 20 километри, слично колку што има и од Kочани до Пониква по засега единствениот асфалтен пат до туристичкиот комплекс. Новиот пат сигурно ќе овозможи побрз развој на туризмот на Пониква и Осогово. Со него очекуваме и значително зголемен интерес за изградба на викендички и на комерцијални туристички објекти и од пробиштипска страна – вели градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски.

Пониква од година на година е сe попосетена од гости и туристи. Во последните две-три години инвестираа и двете општини, а многу помогна и МЕПСО, со донацијата на снежни топови, ратрак, моторни санки и осветлување на скијачките патеки. Kако и секогаш кога има снег, кој сега е околу 30 сантиметри, на Пониква за викенди има повеќе од илјада гости дневно. Така беше и во саботата, иако еден од двата ски-лифта не работеше. Дојдоа многу гости и туристи од целиот источен регион, потоа од Велес, Kуманово, Скопје, а тој ден се одржа и државно првенство во крос-кантри скијање.

– Иако недостигаат уште многу работи за Пониква да стане современ туристички комплекс и ски-центар според европски терк, луѓето масовно доаѓаат за викенди кога има снег. Полни се и сместувачките капацитети. Нашето одморалиште е резервирано до 6 март. Најмногу гости имаме од Скопје, Kуманово, Штип, Велес, а очекуваме да ги има многу повеќе и од Пробиштип, Kратово и од Kрива Паланка откако ќе се изгради најавениот пат до Пробиштип – истакнува Јорданчо Стојменов, раководител на одморалиштето на МВР на Пониква, кое работи и како хотел од отворен тип со 80 кревети.

На Пониква има уште пет мали хотелски капацитети, кои нудат уште околу 200 легла, а приближно толку може да се најдат и во викендичките што се издаваат за туристи. Стојменов нагласува дека е евидентно оти има подем во развојот, но оти многу работи се движеле многу бавно, па затоа многукратно сме заостанувале зад сличните според природните убавини туристички комплекси од другата страна на границата, во Бугарија.

– На Пониква досега требаше да бидат направени уште неколку ски-лифта и други објекти, зашто услови има. Потребни се и нови сместувачки капацитети и поголеми објекти за забава и лете и зиме, за да не им биде здодевно на гостите и туристите – вели Стојменов.

И тој, како и другите познавачи на состојбите, истакнува дека во македонскиот дел на Осоговските Планини има одлични услови за ски-туризам со кој може да се привлечат и многу туристи од Европа, особено потенцирајќи го блискиот Царев Врв, кој е на 500-600 метри повисоко од Пониква и со снег преку цела зима, каде што би можеле, како што вели, да се направат стотина километри скијачки патеки.


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009