Оваа населено место е едно од постарите села во Злетовската област, чиј постанок датира од почетокот на 14 век. Почетокот на неговото настанување директно е поврзан и со името на ова село. Имено, настанувањето и името на ова село најверојатно се заснова на името на родот Пробиштитови, кои на тоа место имале свој имот, а тоа е времето кога овие краеви биле во составот на средновековната Српска држава. Тоа поконкретно се потврдува и врз основа на еден документ од 1350 година, во кој се споменува, името на некој Иван Пробиштитовиќ, кој купил некој имот во Штип, а живеел на имотот на просторот на сегашното село Пробиштип. Најверојатно со спонтана јазична модификација, според името на Пробиштитовиќ, под влијанието на близината на градот Штип, место Пробиштитовиќ се употребува Пробиштиповиќ. Имотот на кој живеело семејството Пробиштитови, се зголемува и прераснува во мала селска населба, која своето име го добива според своите први жители, најпрво како Пробиштит, а подоцна Пробиштип. Ова толкување на потеклото на името на селото Пробиштип, практично е одговор и на прашањето за потеклото и постанокот на името на градот Пробиштип иако постојат и неколку народни легенди за потеклото на името Пробиштип, но сепак тоа се само легенди без научна основа за логична претпоставка.

Селото Пробиштип се наоѓа во мала, плитка и брановидна котлина, во подножјето на ридот Кала. Куќите, разредени по маала, се разместени од двете страни на рекичката Киселица.

nas-prob4

Селскиот атар во поголем дел е брановидна рамнина, чија височина е меѓу 550 и 650 метри, а помалиот дел од атарот се ниски ридови. Од вкупната површина на атарот од 631 хектар, околу две третини се обработливо земјиште, а површините под пасишта се помали, а најмали се површините под шуми.

Дека на просторот на селото Пробиштип постоела населба, уште во античката епоха, сведочат повеќе пронајдени остатоци од римска материјална култура, во месностите Грамада и ридот Кала.

Средновековното село Пробиштип најверојатно во времето на Карпошовото востание (1689 година) било раселено, а подоцна во него се населило, не само македонско население туку и поголем број Турци. Со ова се наметнува и заклучокот дека во селото Пробиштип и немало староседелци, туку сите предци на жителите од ова село се доселеници во него, доселени во текот на 19 и 20 век. На крајот на 19 век во селото Пробиштип живееле 233 жители, а седум децении подоцна, во 1971 година, 455 жители. Во времето на повеќевековното турско ропство, жителите на ова село биле чивчии на имотите на богатите турски бегови, но некои од чивчиите успеа- ле да ја откупат земјата што ја обработувале, уште пред заминувањето на Турците од Балканот.

Со оглед на поголемите површини на обработливо земјиште, жителите на селото, како во подалечното минато, така и во поново време, нај- многу се занимавале со полјоделство, а помалку со сточарство. Од полјоделските култури најзастапени биле пченицата, јачменот, граорот и уровот. Застапеноста на индустриските и градинарските култури е во незначителни количини, а овоштарството и лозарството почнале да се одгледуваат, на нешто поголеми површини, дури во периодот после ослободувањето (1945 година). Од областа на сточарството најмногу се одгледувале овците и говедата, а помалку свињите и товарниот добиток.

Земјоделската дејност на жителите на селото Пробиштип значително опаѓа во годините од втората половина на 20 век, со растот и развојот на Рудниците „Злетово” и рударската населба во непосредната близина на селото. Поголем број од помладите и работоспособни жители од селото Пробиштип, полјоделството и сточарството го заменуваат со работењето во рудникот и другите претпријатија и установи.

nas-prob5

Инаку, селото Пробиштип, како поголема и поразвиена населба во однос на околните села уште во времето по завршувањето на Првата балканска војна, од ноември 1912 година, било седиште на една од четирите општини во овој крај, кои биле во состав на Кратовската околија (срез) и Кумановскиот округ (административно – територијална поделба која ја воспоставила новодојдената српска власт). Во Пробиштипската општина биле селата: Пробиштип, Гризилевци, Кундино, Горни Стубол, Долни Стубол, Плешенци и Дренак. Пробиштипската општина останува и во текот на бугарската окупациска власт во текот на Првата светска војна (од 1915 до 1918 година), а продолжува и во првите години по војната, за да од страна на власта на Кралството СХС во 1921 година била укината Пробиштипската општина, а била формирана Плешенската општина. Од 1931 година, со формирањето на новата поголема општина Злетово (која ги обединува во една, претходните четири општини – Злетово, Лесново, Калниште и Плешенци) селото Пробиштип останува во составот на Злетовската општина, се до времето на Втората светска војна (1941-1945 година).

Според пописот од 1994 година и дефинитивните податоци после административно-територијалната поделба на Република Македонија од 14.09.1996 година, само во приградската населба „село Пробиштип” живееле вкупно 625 жители (311 мажи и 314 жени) кои живееле во 177 домаќинства.

Со пописот од 2002 година само „селото Пробиштип”, (како приградска населба Пробиштип), има 669 жители (мажи -339, жени -330) кои живеат во 200 домаќинства, а во него има вкупно 280 живеалишта (станови).


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009