Опкружени со откриени и истражени наоѓалишта од нафтени шкрилци, сулфур и силикатен туф селото Плешенци е едно од ретките селски населби од територијата на Општина Пробиштип кое изобилува со природно богатсво, но за жал неговите жители и покрај ова велат дека малку од ова природно богатство досега било сериозно експлотирано и им ја подобрило оскудната живеачка.Неискористените потенцијали се причина или повод и ова село во последните 40-50 години да биде изложено на постојано иселување. Работоспособното население во потрага по подобар живот заминувало во Пробиштип, Скопје и другите градови во Републикава.

plesenci (1)

Денес во селото живеат околу стотина луге.Претежно старци. Поголемиот број од селските куќи се празни. Селото од градот е оддалечено околу 3-4 километри.

Но, не така одамна, животот овде ветувал многу. Од секоја куќа се слушал весел детски глас. Селското училиште било претесно да ги прими сите ученици. Во педесетите години Плешенци имало над стотина куќи, со околу 300 жители. Сознанието дека селото лежи на нафта, не само што давало надеж за подобар живот, туку никој и не помислувал на негово напуштање. И бројот на новодојдените тие години постојано се зголемувал. Со тогашните планови за развој на индустријата во ново оформената повоена ФНР Југославија, овде била планирана изградба на фабрика за добивање нафта, Во нејзината градба со свои визии за поубав живот се надевале не само плешенчани туку и мештаните од неколкуте соседни села, Стубол, Стрмош, Дренак.
За два месеца кон крајот на 50 тите години од минатиот век неколку стотини метри под селото биле изградени неколку монтажни бараки, магацини и печка, во која требало да се преработува откопаниот шкрилец.

Набргу потекле и првите количини на црна и густа маслена течност. Се работело без прекин. Тогашната власт, за копање на шкрилецот и изградбата на патот и помошните објекти, имало ангажирано околу 700 луге.
Ваквата бригадирска работна акција сепак траела кратко.

По две години од работата почнале и првите отпуштања. Владата на тогашна Југославија, со некои арапски земји, постигнала договор за испорака на нафта. Со тој договор се обезбедувала поефтина нафта отколку таа да се добива со преработка на нафтениот шкрилец од околината на селото.Така пропаднала и идејата за изградба на фабрика во Плешенци.

За природните богатства во селскиот атар знае речиси секој жител од селото.
– Несфатливо е зошто досега државата, а сега и бизнисмените не покажаа интерес за експлотација на ова богатство, кое природата ни го оставила речиси на дофат. Еве и голем број од селските куќи се изградени на нафтени наслаги. За нивна градба е користен токму шкрилецот.
Во подножјето на селото нафта, на другата страна од селото сулфурот е на самата површина. Природата ни нуди богатство на секој метар, а ние сиромашните правиме планови како да заминеме од селото и да бараме работа во Словенија, Црна Гора, Италија, велат Плешенчани. Последните истраги на нафтениот шкрилец во Плешенци, направени во средината на 80-тите години од минатиот век од тогашниот Фонд за рударство и Извршниот Совет на Р.М. имаат утврдено присуство од 150 милиони тони резерва нафтен шкрилец. Последните количини сулфур во отворениот откоп во близина на Плешенци се одкопани во 50-тите години од минатиот век, кога поради нестабилноста на теренот рудникот бил затворен.

Преостанатите жители од селото Плешенци неодамна сепак почуствуваа дека не се целосно заборавени. По долги години очекувања и ветувања, со пари од Агенцијата за државни патишта, на локалниот пат кој води кон општинскиот центар беше поставен нов асфалтен слој.

plesenci (2)
– Ова ни даде надеж дека сепак не сме целосно заборавени. Сега барем ќе може да патуваме по пат без закрпени дупки. Токму поради оштетениот асфалтен слој и таксистите од градот не сакаа да не возат до селото или обратно кон градот, изјавија неколкумина плешенчани. Сега патот е поправен и дојдете ни повторно, не испратија неколкумината мештани со кои ја подготвивме оваа новинарска репортажа.

Т.С.


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009