Планинското одморалиште „Пониква“ на Осоговски Планини, кое зафаќа дел од атарот на општините Кочани и Пробиштип, деновиве врие од туристи. Големата скијачка патека долга 750 метри ја користат повозрасните, а помалата, која е долга 250 метри е место за радост на децата. И двете патеки се осветлени, а топовите за вештачки снег се подготвени да дејствуваат во секое време, иако за такво нешто нема потреба, бидејќи снежната покривка изнесува близу 20 сантиметри.

На „Пониква“ има сместувачки капацитети за 300 лица. Последните години многу се користат приватните вили кои нивните сопственици ги ставаат во туристичката понуда. А, има и ресторани во кои гостите можат да уживаат во локалните специјалитети.

„Во рамки на развојот на Источниот плански регион, туризмот е прифатен како една од трите централни точки на регионалниот развој. Во центарот на туристичката иднина на овој дел од државата, во однос на зимскиот туризам е ставена токму ’Пониква‘, како најголем туристички потенцијал и во неа, во последните две години се инвестирани над два милиони евра“, посочува Тони Тоневски, градоначалник на Пробиштип.

За задоволување на високите стандарди што ги бара еден зимски туристички центар, финансиски помогна МЕПСО со донација вредна 1,5 милион евра, а двете општини дадоа по 300.000 евра од своите буџети. Купена е машина „ратрак“ за одржување на патеките за скијање, моторни санки за снег, изградено е вештачко езеро со зафатнина од 14.000 кубни метри вода, која се користи за правење вештачки снег, уреден е паркинг-просторот за околу 2.000 возила.

„На гостите им стојат на располагање игралишта за мали спортови, во близина на центарот е ловниот резерват богат со разновиден дивеч, како и стрелиште за глинени гулаби. Секој година расте интересот за купување плацеви за изградба на одморалишта, а сето тоа говори дека ’Пониква‘ стана препознатлив бренд меѓу туристите кои едвај чекаат да дојде зимата за да се препуштат на убавините што им ги нуди оваа планина“.


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009