OLYMPUS DIGITAL CAMERA

– Каква е соработката со општините кои веќе користат вода од ЈКП ХС Злетовица?

Михаил Цветков- На функцијата сум именуван од месец февруари. Луѓето кои што пред мене ја извршуваа оваа раководна функција, со веќе ангажираниот административен кадар, имаат сторено многу во реализацијата на Првата фаза од овој повеќенаменски хидроенергетски објект. Завршени се поголемиот дел од предвидените објекти. Преостанува да се дозавршат некои незначителни работи. Парите ги имаме, и наскоро ќе бидат дозавршени и последните градежни активности.
Она што е значајно да се каже сега е дека ЈП ХС Злетовица е целосно подготвено за испорака на вода до општините со кои ги имаме потпишано и потребните договори, во кои се прецизирани обврските на ЈП ХС Злетовица како и обврските на општините и јавните претпријатија кои ќе ја вршат дистрибуцијата на водата за пиење до граѓаните.

– Како се одвива наплатата на досега испорачаната количина вода?

Михаил Цветков – Засега работите не се одвиваат според планот.
Во општините треба да сфатат дека ние сме јавно претпријатие и ќе работиме на комерцијална основа, односно нашите трошкови за плати и одржување на системот ќе треба да се покрива од договорената и испорачана количина вода до општините Штип, Свети Николе, Карбинци, Лозово и Пробиштип.
Општина Свети Николе веќе две години добива вода од Злетовица. Од почетокот на оваа година се испорачува вода и до новата филтер станица овде во Пробиштип. Општина Штип е во фаза на реконструкција на постојната филтер станица, која треба да се приспособи за прочистување на водата од Злетовица. Според најавата наскоро ќе почне испораката на договорената количина за водоснабдување и на општина Штип.
Сепак морам да кажам, со преземањето на функцијата наследив и одредени проблеми со наплатата на доставените фактури, поради што за наплата на парите од испорачаната вода се води и судска постапка со Општина Свети Николе. На овој начин ја добивме постапката и Свети Николе треба да ни исплати околу 3 милиони денари. Тоа значи дека засега работите не се одвиваат според планот и договорот.
Јас очекувам дека сега, по завршувањето на локалните избори и конституирањето на локалната власт, ќе почнеме и со разговори за надминување на ваквата состојба.

– Дали во прашање е реалната цена на договорената и испорачана вода?

Михаил Цветков – Цената на водата е реална, три денара за метар кубен испорачана вода, и како таква е прифатена од општините и од јавните претпријатија. Ова е цена која засега не ги покрива нашите трошкови и потреби. Изговорот на општините засега е дека немаат доволно пари за да си ги платат испорачаните количини вода. Се надевам дека до надминување на сите овие проблеми, со кои засега се соочуваме, ќе добиваме помош и од Владата, бидејќи ЈП ХС Злетовица и државно јавно претпријатие.

– Ова е комплексен односно повеќенаменски Хидросистем, кој допрва треба да се комплетира со уште две фази, за наводнување и со изградба на неколку проточни хидроцентрали за доискористување на водниот потенцијал?

Михаил Цветков – Не е возможно Јавното Претпријатие ХС Злетовица да опстане само со испорака и наплатата на водата за пиење.
За да може нормално да функционира и да се одржува потребно е да се доизгради, односно да се докомплетира со преостанатите два система; за наводнување на 4.500 хектари земјоделска површина во општина Пробиштип и Кратово и производство на електрична енергија од водниот потенцијал со кој располага Злетовска река. Сите проценки се дека ХС Злетовица ќе биде профитабилен само со неговото докомплетирање. Затоа уште еднаш ќе нагласам, за да може да преговараме за намалување на цената на водата за пиење ќе биде потребно да се доизградат преостанатите две фази. Секако дека најпрофитабилен дел од ХС Злетовица е Третата фаза, со која ќе се работи на доискористување на водниот потенцијал на сливното подрачје во планинскиот дел на Злетовска река. Засега анализите покажуваат дека ќе бидат помеѓу 3 и 9 проточни хидроцентрали, од каде очекуваме и екстра добивка токму од продажбата на добиената електрична енергија.

– Почнавте со изработка на документацуијата за Втората фаза. До каде се работите?

Михаил Цветков – Минатата година од Европската Инвестициона Банка добивме одобрен грант од 1 милион евра, наменет за изработка на физибилити студиите и изведбените проекти за преостанатите два система. На ова веќе работи избраната консултантска куќа СВЕКО, во која се вклучени неколку интернационални проектантски фирми, поделени во два оддеелни тима. Документацијата е во завршна фаза и очекуваме за 3 до 4 месеци да ни биде доставена. Таков беше и договорот со консултантската куќа.
Со самото тоа што парите се добиени од Европската Инвестициона Банка, доволно говори дека економските придобивки, а со тоа и интересот за докомплетирање на ХС Злетовица од страна на инвеститорите е очекувано голем, и јас се надевам дека нема да имаме проблем со банките кои ќе ги финансираат преостанатите две фази од ХС Злетовица.

– Дали сте оптимсит дека за вашиот мандат ХС Злетовица ќе биде целосно комплетиран?

Михаил Цветков – Јас сум оптимист дека ХС Злетовица ќе биде завршен. Дали тоа ќе се случи за период од мојот мандат во Злетовица, или за мандат на некој кој ќе ме наследи, не е толку ни битно. Она што засега го имаме како појдовно, и е од огромно значење, е дека браната веќе е подигната, изградена. Тоа е добра основа за да може ХС Злетовица да се надоградува со преостанатите два система. Мислам дека во наредниот период ќе имаме многу полесна задача, бидејќи полесно е да се најде инвеститор кој ќе вложува во вакви објекти во кои половина од работите а во овој случај и најважниот капитален објект веќе е изграден и е ставен во функција. За ставање во функција на Втората фаза, односно наводнувањето со вода на планираните 4.500 хектари ќе се одвива по слободен пат, односно нема да има потреба од дополнителна енергија.

Трајче Строимановски


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009