Од почетокот на проектот за евидентирање на обработливите површини во системот за идентификација на земјоделските парцели, во подрачната единица на Министерството за земјоделство во Пробиштип евидентиран е имотот на половина од земјоделците во општината. Преостанатите ќе треба да ги пријават нивите со земјоделски култури до март. Евидентирањето на парцелите е еден од условите што треба да ги исполнат земјоделците за да добијат субвенции. На овој начин ќе се има увид во земјоделското земјиште кое се обработува, ќе се знае со кои парцели земјоделецот конкурира за субвенции. Локацијата на земјишните парцели се утврдува со присуство на земјоделците, а по завршувањето на проектот за евиденција, ќе се знае реалната површина што земјоделците ја обработуваа, изјави Марјан Арсов, стручен соработник во ПЕ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Пробиштип, задолжен за спроведување на СИЗП.

sizp (2)

Господине Арсов што е СИЗП?

М.А. СИЗП – Во тек е националната кампања ”Систем за идентификација на земјишни парцели – СИЗП” Во изминатиот период дистрибуирани се лифлети за информирање на земјоделците за воспоставување на Системот за идентификација на земјишни парцели – СИЗП. Печатени копии од лифлетите можат да се најдат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – МЗШВ и Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството- АПРЗ. Системот за идентификација на земјишни парцели е систем со кој се идентификува земјоделското земјиште што тековно се обработува. Системот користи прецизни авионски снимки, на кои е прикажана реалната состојба на земјиштето и неговата употреба. Со помош на СИЗП, графички се исцртуваат земјишните парцели и автоматски се пресметува точната површина на земјиштето.

Кој го воспоставува и спроведува СИЗП?

М.А. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) е одговорно за воспоставување и спроведување на системот за идентификација на земјишните парцели СИЗП.

sizp (1)

Каква корист имаат земјоделците од СИЗП?

М.А. Користа од процесот на регистрација на обработливото земјоделско земјиште најмногу го имаат самите земјоделци. Со регистрацијата на Вашето земјиште во СИЗП системот ги добивате следниве придобивки и тоа:
– Право за добивање на субвенции во иднина;
– Нема мерење на парцелите на терен, бидејќи тие се гледаат на авионските снимки (ДОФ);
– Ќе знаете кое земјиште и со каква искористеност на земјиштето (култура) може да го пријавите во иднина;
– Процесот на пријавување на земјиштето во иднина ќе биде поедноставен и побрз, бидејќи од година во година само треба да регистрираат и измерат измените.

Како ќе се исплаќа финансиската помош и кога?

М.А. Финансиската поддршка субвенциите ќе се исплаќа на истиот начин како и досега но со таа разлика што сите кои аплицираат за субвенции ќе мора да бидат регистрирани во СИЗП.

Кои документи треба да ги понесат земјоделците со себе при регистрирањето во СИЗП?

М.А. Пред сè, треба да имате листа на сите парцели што ги поседувате и обработувате. Ако имате какви било документи за сопственост, треба да ги понесете на состанокот. Овие документи може да бидат: имотен лист, договор за купопродажба/ закуп или било кои други документи во врска со Вашето земјиште.

Колку ќе ве чини регистрирањето во СИЗП?

М.А. Целиот процес на регистрација на земјоделското земјиште во системот за идентификација на земјишните парцели (СИЗП) е бесплатен.

Каква поврзаност има Фарм регистерот (ЕРЗС) со СИЗП?

М.А. Фарм регистарот содржи информации за повеќе од 100.000 земјоделски стопанства во РМ или 1500 земјоделски стопанства во ПЕ Пробиштип. Податоците кои се веќе внесени во Фарм регистарот претставуваат основа за имплементирање на СИЗП. Понатаму преку СИЗП сите информации за користењето на земјоделското земјиште.ќе бидат редовно ажурирани .

Т.С.


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009