jache1

Секој град или поголемо населено место си има занаетчија со кој може да се разговара, раскажува, а при тоа и да не се забележи дека неколкучасовното дружење поминало како во еден миг. Трудот и посветеноста на работата оставил свој препознатлив белег и кај единствениот кондурџија во градот. Јаче Стефанов, кондурџија, и по четириесет години поминати во поправка на обувките останува верен на занаетот кој го избрал уште додека бил 16 годишно момче. Веќе 44 години Јаче Стефанов е со скинатите чевли на пробиштипјани.

-Роден сум во селото Долни Стубол. Занаетот го почнав најпрвин во Свети Николе. Но, набргу се вратив во Пробиштип. Кај тогашниот мајстор Јове Манев, кој работеше во истата оваа работилница во која и јас денес работам, продолжив да го изучувам кондурџискиот занает. Тука, во овие 5 – 6 метри квадратни, бев чирак. Потоа неколку години калфа. А, по положениот државен испит се стекнав и со уверение за мајстор. Во 1996 година ми беше дозволено да го купам и дуќанот. Иако е скромен и со мала квадратура, јас сум посебно горд и среќен што сега е во моја соспственост, бидејки тука го минав целиот мој работен век и голем дел од животот, вели 60 годишниот занаетчија Јаче Стефанов. За себе вели дека е среќен човек бидејки работата не му е тешка. Во дуќанот има постојано присутно муштерии и пријатели, со кои си муабети.
– Од занаетот не се збогатив. Но, и никогаш не сум бил без пари. Од занетот го издржувам семејството и си направив свој дом. Единствено за кое што можеби мечтаев долго време е да набавам машина за крпење на скинатите чевли, патики и сандали. Но, реков, занаетот е работа од која човек не може да се збогати. Па и мојата желба ете не ми се оствари. И ден денес работам рачно. Работам најмногу на крпење и лепење на скинатите обувкки, вели мајстор Јаче. Вели дека со текот на годините квлитетот на обувките се менувал.
– Денес, во споредба пред 20 години, квалитетот на материјалот е многу променет.

jache2

Ако порано обувките се правеа од чиста и квалитетна кожа денес повеќе преовладува вештачката кожа и пластика, вели нашиот соговорник. Ваквиот материјал, како што вели, е навистина поевтин, но затоа потешко се одржува и кога ќе почне да се кини му ги носат изабените и скинати обувки на поправка.
– Како занаетчија не можам многу да влијаам на изборот при купување квалитетни обувки, но затоа кога граѓаните ќе ми ги донесат на поправка се жалат дека ефтиното купено е со краток век на носење. Времињата се сменија, па ете и јас како занаетчија морам некако да се прилагодувам на ова ново време и некако се обидувам да се справувам и со новиот материјал од кои се изработуват обувките, вели мајстор Јаче Стефанов. Има различни муштерии. Секој со свои потреби и барања. Некој бараат скинатите обувки да им бидат поправени за еден ден. Други ќе ги донесат, па откако ќе бидат поправени стојатна рафтот и по неколку недели и месеци. Порано лугето имаа повеќе пари, но и повеке водеа грижа за обувките. Можеби затоа што вработеноста беше поголема. Работникот имаше подобра плата и имав повеќе работа. Денес се други времиња, раскажува овој пробиштипски градски кондураџија. Со носталгија се сеќава кога пред 30 – 40 години бројот на занаетчии во Пробиштип почнал да се зголемува.
– Имаше голем број занаети и занаетчии. А денес ете останав единствен на градскиот пазар каде имаше и најмногу занаетчиски дуќани. И тогаш и денес работам по 6 дена во неделата. Од 8 часот наутро до 18 часот попладне. Секој ден сум во дуќанот, освен недела , вели Стефанов Интерес за кондурџискиот занает нема. Младите не сакаат да бидат кондурџија. Повеќе се свртени кон овие нови помодерни занимања. Забележувам повеке ги интересира угостителството, па барат работа како келнери. Иако работам веке 40 години загрижен сум за занаетот. Ќе нема кој да ме наследи, вели мајстор Јаче Стефанов, последниот градски занаетчија за поправка на обувки во Пробиштип.

Т.С.


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009