Селото Древено, според административно територијалната поделба на Република Македонија од 1996 до крајот на 2004 година, спаѓаше во тогаш новоформираната општина Злетово, која во претходните 41 година беше составен дел од општината Пробиштип. Древено е едно од ретките села во целиот овој крај, кое и покрај повеќедецениската миграција село – град, сепак успеало бројот на жители да го задржи подолг период, така да и на почетокот на 21 век во него живеат 213 жители.

Древено е многу стара населба, која се наоѓа на надморска височина од околу 640 метри, а во официјални документи за првпат се сретнува во првата половина на 14 век, во писмената повелба на средновековниот српски владетел на оваа област, деспот Оливер, кој селото Древено, заедно со соседното Добрево ги подарува на Лесновскиот манастир. Во минатото низ Древено поминувал важниот каравански пат Кратово-Кочани. Според народното предание, како и се уште зачуваната средновековна кула, на правецот на споменатиот пат, 2,5 километри јужно од Древено, се основа, да се поверува дека на тој простор постоела мала градска населба под името Мургош или Мурино. Месноста, каде се наоѓа средновековната кула, се вика Грамади, а на ридот Орашец, северно од селото постои и топонимот Црквиште.

Атарот на селото Древено зафаќа простор од 6,7 квадратни километри, а според релјефните карактеристики, поголемиот дел претставува брановидна рамнина, со нагласена плодна почва, додека помал дел од атарот, е ридесто и нерамно земјиште. Селото е од т.н. збиен тип, а куќите се разместени на стрмниот терен од двете страни на потокот Романички Дол, кој се формира во месноста Романица, во атарот на соседното село Лесново. Делот од селото Древено, од десната страна на потокот го носи името Јовчевско Маало, а делот од левата страна се нарекува Какарско Маало.

Во време на турското ропство, се до завршувањето на Балканските војни (1912-1913 година) селото Древено, според својот општествено – политички статус, било раетско село и неговите жители не биле чифчии на имотите на турските бегови, туку биле рударски работници, кои кулучеле во Добревскиот рудник.

Dreveno

Во подолг период од историјата на селото, покрај со основната дејност – сточарството и полјоделството, дел од жителите на Древено се занимавале и со изработка на далеку познатите воденички камења.

Плодниот дел од селскиот атар, каде се наоѓат нивите во Древенското поле, и во минатото и во поново време најчесто служат за одгледување на житните култури (пченка, пченица и јачмен), додека останатите земјоделски култури се помалку застапени. Значителна е застапеноста на лозарството, а помалку застапено е овоштарството. Иако во споредба со полјоделството, сточарсвото во Древено отсекогаш имало помала улога. Сепак неколку семејства и во минато и во поново време одгледуваат овци и говеда.

Во периодот од втората половина од 20 век, со развојот на Рудниците „Злетово” и формирање на градот Пробиштип, жителите на Древено. Дотогашната своја земјоделска дејност ја заменуваат со статусот на рударски и индустриски работници, а дел од населението се иселува во градот Пробиштип и други градови на Македонија. Сепак во Древено и на почетокот на 21 век, се уште постојано живеат повеќе од 200 жители. а Древено според изградената комунална инфраструктура, поврзаноста со асфалтни патишта од две страни и другите поволни услови, очигледно ќе опстојува и во иднина.

Според пописот од 1994 година и дефинитивните податоци со административно-територијалната поделба на Република Македонија од 14.09.1994 година, селото Древено имало 295 жители (161 маж и 134 жени) и 94 домаќинства, а во селото имало 99 живеалишта (станови).

Според пописот од 2002 година во Древено живееле вкупно 213 жители (118 мажи и 95 жени) во 79 домаќинства, а имало 150 живеалишта (станови).

Вкупната површина на селскиот атар изнесува 6,7 километри квадратни, а според структурата вкупната аграрна површина зафаќа 583 хектари, од кои 329 хектари се обработливо земјиште, 219 хектари се пасишта и 35 хектари се под шуми.


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009