Набиена агенда, богата музичка програма, опуштена атмосфера, одлична забава, скокање додека те држат нозе, хетерогена публика, муабети на различни дијалекти, се само дел од карактеристиките на фестивалот под отворено небо „Аквапарк-фест“ во Пробиштип.

aquapark fest 2014 (3)
Пробиштип вторпат беше собиралиште на љубителите на журките. Три дена полјаната под аквапаркот беше претворена во голема сцена за околу 30 изведувачи. Градот постојано ечеше во звуците на Јорис Ворн, Тимо Мас, „Дубиоза колектив“, Фанкермен, „ПМГ колектив“, „Паркети“, „Флудер“, „Дивизија“, домашните „Хардфејсд“, како и светски познатите диџеи Џон Дигвид, Дарен Емерсон, регионалните херои „Бед копи“, „Дисциплин А Кичме“, „Елементал“, „Прок енд Фитч“ и многу други.

Без турканици за место, без редици за пијалак, тридневната непрекинлива забава почна во најдобар ред. На големата сцена настапуваа бендови со различни музички стилови, со што беше задоволен речиси сечиј вкус. Музичката програма, која се одвиваше константно 72 часа, беше распределена на три фестивалски бини. За разлика од лани, фестивалско лудило не траеше до раните утрински часови, туку и во раните утрински часови. Откако атмосферата првата вечер ја загреаја „Дивизија“, „ПМГ колектив“ „Паркети“, со исто и поинтензивно темпо продолжија „Дубиоза колектив“. Позитивната енергија од сцената заразно се пренесе во публиката, хитовите се пееја наизуст, присутните не го штедеа гласот. Потоа следуваа миксовите на диџеите, а во 6 часот наутро за најиздржливите следуваше афтер-парти со „Грамафонџије“. Дневната шема спонтано продолжуваше со водни лудории, со користење на реквизитите на аквапаркот и опуштена музика.

aquapark fest 2014 -2

Три дена по ред градот не спиеше. Вистински празник за авантуристите. Беше потребна добра кондиција за да се фати набиената програма.
Минатата година овој фестивал го означи почетокот на пролетно-летната концертна сезона, а овој пат даде одлична завршница на летното фестивалско лудило. Вторпат овој музички хепенинг докажа дека вреди да се посети и дека и малите градови се одлични домаќини за голема журка.

– Иако ова е само второ издание на фестивалот, благодарение на програмата, музичките ѕвезди што настапуваат на фестивалот и целиот фестивалски концепт, „Аквапарк-фест“ се издвојува како единствен фестивал во Македонија чија понуда е осмислена по примерите на големите светски музички фестивали. Манифестацијата е уникатна по својата повеќедневна музичка програма, која се одвива и навечер, но и прекуден, и тоа на повеќе фестивалски бини, со фестивалскиот камп, на локација во овој подзаборавен, но прекрасен дел од Македонија – вели Мартин Стојановски, менаџер на аквапаркот и еден од организаторите на фестивалот.
Тој додаде дека секој град е добар за музички фестивал, а помалите места се посебен и многу поголем предизвик од организациски аспект.
– Најголемиот мотив во нашиот случај е фестивалската „децентрализација“ и поттик да се актуализираат подзаборавените убавини во овој регион – дополни Стојановски.

Извор: Нова Македонија


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009