Ракометарите на Рудар Пробиштип ја забележаа првата историска победа во Првата лига, откако славеа на гостувањето кај Делчево Вардар со минимални 21:22. Во првиот дел двете екипи имаа свои моменти, иако темпото го диктираа гостите од Пробиштип, 14:13.
Во второто полувреме беше обратно и домашните беа тие што ја имаа контролата, се до 20:18 и последните десетина минути. Рудар израмни на 20:20, Делчево повторно се врати во предност 21:20, пред гостите пак да се вратат во игра, 21:21.
Десниот бек Павел Стојанов со пеналот во последната минута, за 21:22, донесе голема радост за неговите соиграчи, а каква беше атмосферата по првата победа на Рудар, можете да погледнете од видеото подолу.
Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Тодоров со 5, а по 4 дадоа Стојанов и Трајкоски, додека свој удел во победата имаше и голманот Божиновски со 15 интервенции. Кај Делчево се истакна Гоце Ѓорѓиевски со 9 голови.