Дина Трајчевска е млада, талентирана каратистка што досега освоила четири златни и две сребрени медали на интернационални натпревари. Ученичка е во петто одделение во ОУ „Нокола Карев“ во Пробиштип. Околу три години тренира во карате-клубот „Вадо карате до унија“ во родниот град и ги обожава учењето на катите и борбите со противник.

– Го одбрав овој спорт сосема случајно, кога во училиштето видов плакат за упис на нови членови, решив да се обидам, и така открив дека имам талент. Сакам да вложувам во себе и во овој спорт, а и наградите што ги добив покажуваат дека има резултати. Часовите брзо ми минуваат, секој тренинг е интересен. Прво се загреваме, па работиме техники, потоа ги работиме ученичките и мајсторските кати. А откако ќе научиме нови кати ги увежбуваме и работиме борби – ни сподели Дина.

За неа 2017 година е година на успехот. Нанижа неколку победи и се закити со шест медали.
– Бев на интернационален натпревар во Суботица каде што се натпреваруваа клубови од 17 европски држави, и таму освоив еден златен и два сребрени медала. Потоа во јуни во Белград се одржа Светско првенство, тука го остварив моето најголемо достигнување и освоив златен медал во светска конкуренција. Минатата недела бев во Свилајнац, Србија и оттаму исто така се вратив со два златни медала – ни раскажа Дина Трајчевска.

Најдраг спомен ѝ е учеството на Светското првенство во Белград. Овие натпревари се вистинско доживување за неа. Ѝ овозможуваат да запознае нови другарчиња, да размени искуства, техники, секако и да посети повеќе места и научи разни култури.

– Прекрасна е атмосферата за време на секој натпревар. Владее натпреварувачки дух, позитивна енергија. Публиката е секогаш тука да нѐ охрабри, да нѐ бодри од почеток докрај. Посебно ми е мило и ме радува што секогаш до мене се мајка ми Наташа, татко ми Марјан, сестра ми Елена, кои ми ја дават најголемата поддршка – вели Дина.

Сепак додава дека својот успех го должи пред сѐ на нејзиниот тренер Стојан Стојкивиќ, кој верува во неа и во нејзините способности.
– Веќе неколкупати успевам да обезбедам прво место и не можам да опишам колку сум среќна и возбудена. Во тој момент се чувствувам бескрајно горда на себеси – додава младата каратистка.

Таа вели дека на врвот успеала да се искачи со голема концентрација, напорни тренинзи и голема упорност.
Во карате-клубот „Вадо карате до унија“ тренираат околу 50 деца, од кои околу 20 се активни натпреварувачи на турнирите со освоени многу златни, сребрени и бронзени медали и многу трофеи.

– Засега нашиот клуб бележи голем успех на меѓународните натпревари, а се надевам така ќе биде и во иднина – ни кажа на крајот Дина.

С.Ј.


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009