Селото Марчино се наоѓа северно од градот Пробиштип и е најблиското село до општинскиот центар, бидејќи е одалечено само 3 километри и со градот е поврзано со убав асфалтен пат. Сите обиди името на ова село да се трансформира во една форма како Маричино, очигледно се неоправдани и неприродни во секој поглед, бидејќи сите негови жители, како во минатото, така и сега, како и луѓето од сите околни села, ова село го нарекуваат со неговото вистинско име Марчино.

Марчино со својата местоположба е сместено на јужната падина од планината Плавица, на стрмен терен покрај планинскиот поток, кој во својот натамошен тек на југ кон Пробиштип и Калниште се именува како Маричански Дол или Маричанска Река. Најголем дел од вкупната површина на селскиот атар зафаќаат пасиштата, нешто помали се површините под недоволно плодно земјиште, а најголем дел од вкупните површини од атарот (околу 17 отсто) се шуми и необработливо земјиште. Гледано во целина ова село е од збиен тип иако еден дел од куќите на периферијата од селото меѓусебно се наоѓаат и на поголемо растојание.

Според народното предание Марчино е многу старо село, а неговите жители во текот на петвековното турско ропство во поголем број биле мадемџии (работници во рудник), а помалиот број на жители на ова село биле чифчии на богатите турски чифлици.

На почетокот на 20 век во Марчино живееле 200 луѓе, а шеесет години подоцна го достига максималниот бриј на жители во ова село, кога со постојано место на живеење во него, биле регистрирани 365 жители. Во годините потоа следува период на осетно намалување на бројот на жителите, поради засилената миграција село-град, на 250 во 1971 година, а на почетокот на 21 век (2002 година) Марчино има само 26 жители.

Според податоците за структурата и потеклото на жителите на Марчино, најголемиот број, речиси сите предци на Марчино, се староседелци, бидејќи не најповолните услови за живеење во селото не можело да бидат причина и за доселување на население од други поблиски или подалечни села, а напротив, неповолните услови биле, причина за иселување на поголем број на жители од Марчино во другите села и градови.

Жителите на Марчино во текот на 19 век и се до заминувањето на Турците од Балканот, после Балканските војни (1912-1913 година) претежно се занимавале со сточарсво, а помалку со полјоделсво, додека еден дел кулучеле во руникот во Добрево. Во периодот меѓу двете светски војни биле проширени обработливите површини за сметка на пасиштата и шумите. Најмногу биле застапени полјоделските култури (пченица, пченка. јачмен, граор и уров), а од индустриските растенија се одгледувал во помали количини само тутун. По ослободувањето, после 1945 година, најголемиот дел од машкото активно население се вработува во обновените погони на Рудниците „Злетово”, а во последните две децении од 20-ти век, најголемиот дел од жителите, вработени во Пробиштип, се доселуваат и со своите семејства во градот, каде и ја формираат населбата кај месноста „Лиса Гара”, која и го добива името Маричанско Маало.

Со пописот од 1994 година, а според дефинитивните податоци по адмнистративно – територијалната поделба на Република Македонија, од 14.09.1996 година, во селото Марчино, кое се наоѓа на надморска височина од 700 метри, живееле вкупно 38 жители (18 мажи и 20 жени) во 18 домаќинства.

Според пописот од 2002 година, во Марчино живееле 26 жители (12 мажи и 14 жени), а во селото имало 15 домаќинства и 37 живеалишта (станови).

Селскиот атар на Марчино опфаќа површина од 5,99 километри квадратни, од кои вкупната аграрна површина од 551 хектар ја има следната структура: обработливо земјиште 252 хектари, пасишта 141 хектар и под шуми 158 хектари.


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009