Женскиот манастир „Свети Спиридон“ кој што е посветен на Светиот Спиридон Чудотворец се наоѓа седум километри од Злетово на патот за новата брана Кнежево покрај Злетовска река во близина на селото Зелениград. Манастирот за првпат се спомнува во 13-от век во лесновски типик. За него се знае многу малку бидејќи нема зачувано пишани записи.

Во периодот по втората светска војна целосно бил запустен а денес е обновен и во него има монахињи. Манастирот „Свети Спиридон Чудотворец“ е метох на Лесновскиот манастир и од неговата изградба во 13-от век бил машки манастир но со неговото рушење од страна на турците по неговото возобновување на неговите срушени камен-темелници опстојува како женски манастир. Возобновувањето на женскиот манастир е започнато во 2006 година а во 2007 година е завршено. Во 2008 година е изграден владичкиот конак, а првата монахиња е замонашена на 27-ми Август 2007 година. Денес во манастирот има две монахињи и две искушенички. Храмот во манастирот е живописан од страна на Драган Ристески од Охрид и Лазар Лечиќ од Војводина во 2006 година.

За Свети Спиридон Чудотворец се знае дека живеел во четвртиот век на островот Кипар од каде што бил и роден. Неговите родители биле прости земјоделци кои одгледувале и добиток а тој самиот во младоста чувал овци. Бил оженет во младоста и имал деца но откако останал вдовец целиот имот го користел за да им помага на бедните и се предал на служба на Бога. Поради неговото особено благочестие бил избран за епископ во кипарскиот град Тримифунт но и за време на неговата служба не го изменил својот прост начин на живеење и околу својата стока и обработката на земјата се грижел лично самиот. За себе многу малку употребувал од стекнатото а поголемиот дел им го раздавал на бедните луѓе. Господ го прославил овој чудесен човек со даровите на чудотворството и прозорливост. Со Божја сила покажал големи чуда: наизведел дожд во време на суша, го запрел текот на реката, воскреснал неколку мртовци, го исцелил царот Констанс од тешка болест, ги видел и ги слушнал ангелите Божји, проѕирал во тајните на човечките срца и многумина обратил во вистинската вера. Учествувал на Првиот Вселенски Собор во Никеја и со своето просто но јасно исповедање на верата како и со многубројните можни чуда што ги извршил вратил голем број на еретици во Православието. За неговата појава говори едно предание дека бил облечен толку просто што кога еднаш поканет кај царот сакал да влезе во царскиот дворец а војникот мислејќи дека е некој просјак му удрил шлаканица. Откако Го прославил Бога со многубројни чуда и добро и послужил на Божјата Црква се упокоил во Господ во 348 година. Неговите чудотворни мошти се пренесени од 7-от век во Цариград а во времето на турското освојување биле пренесени на грчкиот остров Крф. Моштите на Свети Спиридон Чудотворец од тогаш до денес се наоѓаат на островот Крф и Го прославуваат Бога со многубројни чуда.


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009