Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, односно на 25 март – според стариот календар. Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл. и се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец прв ден Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица и тн.

Светото предание раскажува дека еднаш додека покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во книгата на пророк Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел“, возбудена помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот. Во тој момент до неа долетал ангелот Гаврил кој и соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот. „Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените“.

Кога Света Дева Марија помислила: „Каков ќе биде овој поздрав?”, ангелот и рекол: „Не бој се Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син и ќе го крстиш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече син на севишниот и ќе му го даде Господ Бог престолот од неговиот татко Давида и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството негово нема да има крај“.
На тоа Марија зачудено прашала: „Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж?“, на што ангелот и одговорил: „Светиот дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени, па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече син Божји„. (Лука 1/27-35).

Во чест на таа блага вест што ангелот и ја пренесол на Света Дева Марија, црквата го востановила празникот Свето Благовештение или Благовест, што се празнува точно девет месеци пред Божик. Но нема попрецизни податоци од кога се празнува овој празник. Се знае сигурно дека се празнувал во 7 век, но некои сведоштва укажуваат дека тој се празнувал и неколку векови порано.

Според верувањето Благовец е благ ден не само за луѓето, туку и за птиците, имањето, (домашните животни), за ѕверовите, па дури и за арамиите. Многу животни што ја преспале зимата на Благовец ќе се разбудат и ќе се размрдаат, ќе излезат надвор од пештерите, дупките и другите живеалишта за да го видат благиот ден и да му се порадуваат.


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009