Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија денеска во списокот на светиите го впиша епископот велички Гаврил Светогорец.

Одлуката на САС на МПЦ – ОА беше објавена на светата архиерејска литургија што се одржа во Соборниот храм „Св. Никола“ во Штип, а со која чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во сослужение на членовите од Синодот.

Беше прочитано житието и беа изложени светите мошти на епископот велички Гаврил Светогорец кои во Соборниот храм „Св. Никола“ во Штип пристигнаа од манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Лесново.

Г.г. Стефан пред епископите, монасите, свештениците и верниците кои пристигнаа од сите краеви на земјава, рече дека покрај постојаната молитва и строгиот монашки подвиг отец Гаврил го краселе и неуморната посветеност, дарбата за предвидливост и грижата за духовноста на македонскиот род.

– Дел од нас беа сведоци, а до другиот дел допираат сведоштвата за чудата со кои Бог го прослави овој свој угодник и за време на животот, но и по упокојувањето како посветен во таа низа на знаци што Бог ни ги допушти како на црква за да ја препознаеме светоста на епископот Гарврил, рече г.г. Стефан.

На свечената архиерејска литургија присуствуваше премиерот Емил Димитриев, кој истакна дека ова е голем празник за православните верници и за Лесново, каде што Свети Гаврил епископ Велички Светогорец го поминува својот монашки живот, а неговиот гроб се наоѓа во Лесновскиот манастир.

– Свети Гаврил Светогорец е од македонски род и е во редот на светците кој ќе го празнува целиот православен свет, а исто така ова е и голем ден за Лесновскиот манастир, каде што ќе почива новиот светец на МПЦ. Нека е честито и благословено на сите граѓани на Република Македонија и на сите верници од православната црква и нека ова биде пример, дека човек со добри дела со добра мисла, со позитивни работи може да биде востоличен и на ниво како што Свети Гаврил Светогорец како светец, посочи Димитриев.

Ова е четвртто ред канонизирање во поновата историја на МПЦ, но за прв пат се прогласува за светец личност која доаѓа од Брегалничката епархија.

Отец Гаврил е роден како Мијалче Парнаџиев во 1926 година во Штип. Дипломира во 1955 година и работи како професор по уметност и историја на уметноста во гимназијата и Учителската школа во Штип. Во 1963 година ја остава световната служба и заминува со сиот свој живот да му служи единствено на Бога, на Света Гора. Бил замонашен во манастирот Свети Павле со монашко име, отец Гаврил. Во Македонија се враќа 1971 година, а Лесново станува духовен отец на многумина во тоа време. На 28 август на празникот Успение на Пресвета Богородица во 1989 година е хиротонисан за епископ со титулата Велички. Делата и чудесата на отец Гаврил се опишани во неговото житие, кое денеска беше објавено и е достапно на пошироката јавност.


Warning: A non-numeric value encountered in /home/probisti/domains/probistip.mk/public_html/wp-content/themes/probistipmktheme/includes/wp_booster/td_block.php on line 1009