За Пробиштип

Пробиштип, иако е релативно „млад“ град, сепак е со голем број на карактеристики кои го прават различен од останатите, не само по својата местоположба туку и по урбанистичката уреденост. Не е некоја попатна станица или на некоја прометна магистрала, но сепак до него водат три пата, едниот од кај селото Крупиште, односно од магистралниот пат Штип – Кочани, во должина од 21km другиот од Свети Николе во должина од 35km и третиот од магистралниот пат Куманово – Крива Паланка, од раскрсницата кај селото Страцин, преку Кратово до Пробиштип во должина од 32km.

Една од силните страни на Пробиштип е тоа што од самиот почеток кога се формирал како рударска населба, па потоа полека прераснувајќи во убаво урбано гратче е со прописно поставени широки улици, со тротоари, со зелени површини. Градот ги поседува сите потребни институции и установи за нормално функционирање на жителите на општината. Има голема понуда на секаков вид на трговска стока по многубројните продавници, маркети, бутици; има солидни угостителски објекти, одлични сместувачки капацитети и понуда на вкусна и традиционална македонска храна. Има и добро организиран ноќен живот. Спортските терени со кои располага општината даваат извонредни услови за спортување, за тренинзи и припреми на спортските екипи. Манастирот Св. Гаврил Лесновски, заедно со уште другите два манастири долж Злетовска Река, заедно со локалитетот Лесново се причина повеќе да го посетите овој крај, а прекрасните ски – терени на Пониква пружаат извонредни услови за скијање. Првиот забавен аква парк во Македонија овозможува добра забава, водени лудории и незаборавно дружење на забавите коишто ги има таму во вечерните часови. Уникатната минеролошка збирка е нешто што го нема никаде во државата.